📽️ НЕОБИЧНИ МОМЕНТИ ОД КРАЛСКАТА ТУРНЕЈА Кралот Чарлс заигра на Бахамите, а потоа доби маица на која е прикажан како мускулест боксер
Британскиот монарх ги остави настрана кралските формалности и се придружи на традиционална карипска поворка во Насау. Претходно, младите боксери му приредија изненадување со подарок што искрено го насмеа.
Кралот Чарлс Трети покажа опуштена страна за време на посетата на Бахамите, каде што им се придружи на танчарите на традиционалната манифестација „Џанкану“ (Junkanoo). Со маракаси во рацете, британскиот монарх се движеше во ритамот на музиката и им се придружи на учесниците во шарената поворка на плоштадот во главниот град Насау. Настапот го следеа насмеани минувачи и насобрани граѓани, а кралот изгледаше подготвен да ужива во карипската атмосфера.
„Џанкану“ е една од најпознатите културни традиции на Бахамите, препознатлива по гласната музика, танцот, украсените костими и впечатливите пердувести украси за глава. Фестивалот традиционално се одржува околу Божиќ и Нова година, а овојпат кралот имаше можност да ја почувствува атмосферата одблизу. Пред да се приклучи на поворката, тој ги следеше изведувачите, а потоа ги зеде маракасите во боите на бахамското знаме и се придвижи во ритамот на музиката.
Но, еден ден претходно, Чарлс доживеал уште еден необичен момент, овојпат во боксерската академија на Бахамите. Младите спортисти и нивниот тренер го пречекале облечени во црни маици со негова карикатура на која е прикажан како мускулест боксер, со боксерски ракавици, шампионски појас и кралска круна.
Подарокот му го врачиле 12-годишниот боксер Санаи Милер и тренерот Џермејн Гибсон, кој ја осмислил маицата.
– Ја направивме за вас, ја нарачав синоќа – му вели Гибсон на кралот. Чарлс ја прифати со насмевка. По средбата, тренерот открил дека на кралот навистина му се допаднала идејата и дека рекол дека маицата е одлична.
Посетата на боксерската академија имала и посериозна цел. Академијата, отворена во април годинава, им овозможува на децата и младите на возраст од осум до 18 години да тренираат бокс, да добиваат поддршка од ментори и да развиваат спортски вештини. Кралот разговарал со младите спортисти и ги следел нивните тренинзи.
Кралската посета на Карибите се одвива во период кога земјите од регионот повторно бараат Велика Британија да се соочи со својата улога во трансатлантската трговија со робови, вклучително и со барањата за репарации. При пристигнувањето на Бахамите, Чарлс зборувал за „големото страдање од минатото“ и за потребата да се признае историската неправда. Веселите сцени од поворката така се одвиваа во сенка на пошироките разговори за колонијалното минато и односите меѓу британската монархија и карипските држави.