ДЕЈВИД БОУВИ ЌЕ ОЖИВЕЕ НА БЕРЛИНСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ Досега невидени снимки од неговиот легендарен концерт

Речиси половина век откако биле снимени, концертните настапи на Дејвид Боуви од 1978 година ќе добијат нов живот во проектот „Stage“, кој ќе има светска премиера на 14 февруари 2027 година во берлинската „Убер арена“, во соработка со Берлинскиот филмски фестивал.

19

Публиката ќе го доживее музичарот преку досега необјавени снимки од концертите во Лондон во 1978 година, обновени со современа слика, просторен звук и специјални светлосни ефекти. Премиерата ќе се одржи во февруари 2027 година, во рамките на Берлинскиот филмски фестивал.

Речиси половина век откако биле снимени, концертните настапи на Дејвид Боуви од 1978 година ќе добијат нов живот во проектот „Stage“, кој ќе има светска премиера на 14 февруари 2027 година во берлинската „Убер арена“, во соработка со Берлинскиот филмски фестивал. Станува збор за досега необјавени снимки од турнејата „Isolar II“, кои ќе бидат претставени како мултимедијално концертно доживување, а не како обична филмска проекција.






Снимките се направени за време на двата концерта што Боуви ги одржал во лондонската сала „Ерлс корт“ во 1978 година. Музичарот сакал настапите да бидат снимени со идеја материјалот подоцна да се прикажува во концертни сали и други простори. Но, проектот никогаш не бил објавен. Боуви во 2000 година објаснил дека не му се допаѓал начинот на кој биле снимени настапите, иако тогаш навестил дека можеби еден ден ќе бидат објавени.

Оригиналните филмски негативи ги открил режисерот Брет Морген додека работел на документарниот филм „Moonage Daydream“ од 2022 година, посветен на животот и кариерата на Боуви. Дел од материјалот веќе бил искористен во документарецот, но најголемиот дел од концертните снимки останал необјавен. Морген со години работел на нивното обновување, обработувајќи ја бојата, осветлувањето и деталите на оригиналниот филм од 35 милиметри.

Новата верзија ќе комбинира проекции на три екрани, проѕирни ЛЕД-екрани, специјално осмислено осветлување и просторен звук. Целта е публиката да има чувство дека Боуви и неговиот бенд навистина настапуваат пред неа. За светлосниот дизајн е задолжен Патрик Вудроф, кој соработувал со „Ролинг стоунс“ и Елтон Џон, додека звукот го подготвува оскаровецот Пол Меси.

На концертите од турнејата „Isolar II“, Боуви изведувал песни од албумите „Low“ и „Heroes“, како и познати хитови од претходните години. Меѓу песните што ќе можат да се доживеат во новиот проект се „Heroes“, „Ziggy Stardust“, „Rebel Rebel“, „Fame“ и „The Jean Genie“. На сцената го придружувал бенд составен од музичари меѓу кои биле гитаристите Карлос Аломар и Адријан Белју.

Берлин има посебно место во животот и творештвото на Боуви, кој во втората половина на 1970-тите живеел во градот и таму работел на дел од своите највлијателни албуми. „Heroes“ е снимен во Берлин, а градот останува тесно поврзан со еден од најзначајните периоди во неговата кариера. По премиерата на „Stage“ во февруари, проектот е планирано да продолжи и во други арени.

Поврзани содржини