Бурка на лицето на Европа
Интелектуалци и аналитичари од различна идеолошка припадност сè почесто предупредуваат дека Европа каква што ја знаеме со векови – цивилизација заснована на домородно мнозинско население, заедничка култура, индустриски просперитет и одреден поглед на слободата и правата на сопственост – се чини дека е осудена на исчезнување.
Сè поголем број европски земји донесуваат закони против употребата на облека што го покрива целото лице, како што се бурката и никабот. Во Португалија, на пример, антиимиграциската партија Чега слави нови триумфи во својата амбиција да ја заштити земјата од исламот.
Во јули годинава, Португалија стана најновата европска земја што воведе забрана за облека што го покрива целото лице на јавни места. „Ерата на бурката е завршена во Португалија. Оние што ја мразат нашата култура можат да се вратат во својата земја“, соопштија од Чега, откако мнозинството во парламентот гласаше за предлогот на партијата од 2025 година.
Интелектуалци и аналитичари од различна идеолошка припадност сè почесто предупредуваат дека Европа каква што ја знаеме со векови – цивилизација заснована на домородно мнозинско население, заедничка култура, индустриски просперитет и одреден поглед на слободата и правата на сопственост – се чини дека е осудена на исчезнување.
Предупредувањата во основа не се во смисла дека тоа би можело да се случи преку некоја спектакуларна катастрофа, туку преку бавна и немилосрдна ерозија, неизбежна поради структурните трендови кои сега се премногу силни за да се вратат во првобитната состојба.
Развојот во изминатите години и децении во повеќе европски земји е означен и со засилена сегрегација, паралелни идентитетски претензии – главно исламистички, но не исклучиво такви – и со зголемување на културните контрадикции и безбедносните тензии. Оние што стојат зад најалармантните укаживања тврдат дека Европа не само што не успева да се „обнови“, туку продолжува да се трансформира, мутира и претрпува метаморфоза во нешто радикално различно, помалку европско, помалку продуктивно на долг рок и помалку кохезивно.
Прашањата поврзани со културните судрувања и противречности се заоструваат дури и на дневна основа. Франција, Белгија, Данска и Австрија веќе имаат национални забрани или далекусежни ограничувања на бурката и никабот, т.е. облека што го покрива целото лице. Холандија и Германија имаат поограничени правила. Бугарија има забрана на јавни места од 2016 година. Швајцарија ја воведе својата национална забрана во 2025 година.
Сепак, во 2025–2026 година, прашањето доби нов политички импулс. Италија дискутира за значително поширока забрана за бурката и никабот на јавни места, вклучувајќи училишта, универзитети, продавници и канцеларии. Прашањето го покрена партијата на премиерката Мелони.
Данска отиде подалеку од својата првична забрана за јавни места и ја разгледува можноста за нејзино проширување во образовните институции. Во Шведска се водеше многу поинтензивна дебата. Христијанските демократи предложија забрана за бурката и никабот, додека владата како целина не поддржа општа национална забрана. Норвешка досега се воздржа од општа забрана на јавни места, но прашањето се дискутира сè поинтензивно.
Велика Британија досега зазеде многу повнимателен став, но прашањето сега стана и политички релевантно. Лидерот на „Реформ УК“, Најџел Фараж, неодамна повика на забрана за маски за лице, вклучително и бурката.
Интересно е дека дискусијата во Франција повеќе не е насочена само кон бурката/никабот. Марин Ле Пен, претседателка на партијата Национален собир, повторно го покрена предлогот за забрана на хиџабот на јавни места, што се однесува на вел или шамија која ја носат некои жени со исламска вероисповед и на конзервативно облекување на жени во исламот воопшто. Ова, како што се оценува, е значително пошироко од главната европска позиција досега. Прашањето се чини стана централен дел од дебатата за францускиот идентитет и миграцијата пред претседателските избори во 2027 година.
Во основа постојат неколку клучни аргументи кои се поврзани со јасно изразените промени во јавното мислење, и тоа не само меѓу политичарите, посебно кога станува збор за ексремната десница, туку и во пошироката јавност? Пред се кога станува збор за безбедноста и идентификацијата – државата треба да може да види кој се движи на јавни места. Интеграција и социјална кохезија – откриеното лице се смета за важен дел од комуникацијата во јавниот простор. Слободата на жените – особено десницата, но и делови од левицата тврдат дека превезите што целосно покриваат лица можат да бидат израз на угнетување на жените. И, не помалку важно. традиџијата на секуларизмот и европските вредности – кои се особено силни во Франција.
Од страна на противниците на радикализирањето на мерките во оваа област, обично се тврди дека забраната значи оти државата ја принудува жената да се соблече, што парадоксално може да биде и мешање во нејзината слобода. Тие исто така истакнуваат, иако такви проценки тешко добиваат и конкретна статистичка потврда, дека многу малку жени всушност носат никаб или бурка, што го прави прашањето повеќе симболично отколку практично социо-економско.
Европскиот суд за човекови права прифати дека европските држави можат да воведат ограничувања за носење превези што го покриваат целото лице. Сепак, тоа не значи дека каква било забрана е законски дозволена. Судот наметна барања за пропорционалност и особено го нагласи аргументот за општествен соживот.
Но дебата не само што не запира, туку добива сè посилен интензитет. Во пресрет на парламентарните избори во Шведска, што ќе се одржат во недела на 13 септември, муслиманските симболи, вклучувајќи ја и верската облека, се наметнаа како значајно прашање во предизборната кампања. Лидерот на екстремно десничарската партија Шведски демократи, Џими Окесон, на еден предизборен митинг доби прашање од една муслиманска жена која го праша дали ќе го забрани носењето на муслимански превез доколку ја освојат власта. Окесон и одговори дека не верува оти таа можеби го носи превезот принудно, но дека со тоа апослутно не одговара да се појавува на јавни места во Шведска. Потоа и го заврте грбот.
Шведскиот парламент-Риксдаг во март гподинава ги отфрли предлозите за забрана на превезот и религиозните симболи. Во исто време, владините партии станаа многу појасни во своите критики за целосниот превез. Во дебатата во Риксдагот, владата ја опиша принудата за носење, на пример, никаб или бурка, како израз на угнетување поврзано со честа.
Во новиот изборен манифест презентиран деновиве, Шведските демократи повторно актуелизираат предлог за основање на „Центар против политичкиот ислам“, кој ќе истражува до кој степен луѓето со исламистички ставови претставуваат закана за Шведска. Премиерот Улф Кристерсон, кој ја предводеше шведската конзервативно-десничарска влада во изминатите четири години, пред извесно време јавно вети дека, доколку повторно победат на изборите, Окесон слободно може да смета на местото шведски министер за интеграција и миграции.
Доколку тоа се оствари и Шведските демократи успеаат да приграбат за себе таква исклучително значајна министерска фотелја, Окесон ќе добие одврзани раце да го докаже, веројатно на најбрутален можен начин, она што со години го повторува како мантра – дека „активен муслиман верник не може во исто време да биде и Швеѓанец“.
Ќе може ли една високо развиена демократија како што е шведската да истрпи такви силни удари, останува да се види веројатно во блиска иднина.