Одлуката за осамостојување по пат на референдум влета во зовриениот собраниски котел
Во Собранието на Република Македонија се водеа жестоки и често и бесмислени битки, кога подготвената одлука за референдумот за осамостојување се обиде да влезе на дневен ред. Поддржувајќи ги и предлогот на СДСМ и на Рефорските сили за референдум и на ВМРО-ДПМНЕ за Декларација за независност, Владата на Никола Кљусев сепак пресече дека „е можно одржување референдум како вид на претходно изјаснување за основните прашања што се однесуваат на сувереноста и самостојноста на Републиката“.
Накратко
Стојан Андов се заплетка во дневниот ред, а поддршката на Ратка Димитрова и нејзиниот апел за единство ја смениja климата.
Блаже Ристовски се фати за двата наводно идентични збора „самостојност“ и „сувереност“.
Професорот Владо Поповски тогаш тврдел дека референдумот не може да биде услов за формирањето на Република Македонија, туку дека тоа може да биде само идниот Устав.
Посебно бев среќен што со Бранко Црвенковски итно отидовме на средба со Киро Глигоров, затоа што знаев дека со резултатите од анкетата што ја спроведов во нашата земја ќе се разбијат и некои од сомнежите на претседателот дека можеби на еден референдум во Република Македонија нема да излезе толкав број на граѓани којшто ќе ги увери сите дека цврсто стоиме зад тоа Македонија да стане самостојна и суверена.
Јас и Црвенковски го најдовме Глигоров со рацете заденати во појас, како шета нервозно низ канцеларијата и чека на телевизорот да почне 20. седница на собранието. Му ги покажавме охрабрувачките резултати од анкетата и му рековме дека на дневен ред на седницата на Собранието, точката за осамостојување по пат на референдум, треба да се стави веднаш, ако сакаме да стасаме во рокот даден со Брионската декларација, да го организираме и да го реализираме референдумот.
Одлуката за референдумот упатен на седница што доцнеше цели 7 часа
Претседателот Глигоров малку се орасположи, но рече: „Добро бе, Бранко, ама за тоа мора да се договориме со претседателот на Собранието, Стојан Андов“. Црвенковски веднаш побара да се повика Андов, и тој пристигна по кратко време. Не се сеќавам точно на неговата реакција, меѓутоа знам оти рече дека за тоа треба да се оформи предлог и да се направи обид да влезе во дневниот ред на 20. седница, која цел ден се чекаше да започне.
Андов веднаш предложи да се повика координаторот на нивната пратеничка група, правникот Зоран Крстевски, за јас и тој да го продготвиме предлогот за ставање на точката на дневниот ред на Собранието. Зоран Крстевски пристигна за кратко време и ние двајцата веднаш заминавме во неговата канцеларија. Зоран Крстевски за дваесетина минути го подготви Предлогот за внесување во дневниот ред на точката за осамостојување на Република Македонија по пат на референдум.
Документот го зедоа Црвенковски и Крстевски и заминаа да го предадат за внесување во дневниот ред на 20. седница на Собранието. Јас отидов во салата за да ги држам нашите пратеници „на куп“. Меѓутоа, уште на самиот почеток на седницата, се покажа дека Андов ја одлагал и за да успее да ги собере сите информации за нападот врз него, кој го започнал портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Ефтим Таковски, уште претходниот ден. Седницата, наместо во 10 часот на 26 јули, започна дури во 16.50 часот, скоро 7 часа подоцна.
Во расправата за ова доцнење на седницата, се покажа дека Андов цел ден ја одлагал за да ги собере сите податоци за нападот врз него и дека дури пред самиот почеток на седницата, заедно со Зоран Крстевски, работеле на тоа точката за референдумот да се стави на дневен ред.
Ратка Димитрова го поздрави предлогот и упати апел за единство
Потоа, нешто по 19 часот, пратеникот Стоиле Стојков побара збор и изјави: „Што се однесува на нашиот предлог на пратеничката група за донесување на Уставен закон, како што напомна потпретседателот на Владата, господинот Блаже Ристовски, исто така и јас пред околу 5 минути, добив една иницијатива од пратеничките групи СДСМ и на Реформските сили на Македонија, па се чудам зошто претседателот на Собранието во истиот контекст не ја постави и оваа иницијатива“.
Меѓутоа, веднаш после него, за збор се јави координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Ратка Димитрова. Го добила предлогот за осамостојување на Република Македонија по пат на референдум и побрзала да се јави за збор и да се искаже за него. Нејзините зборови ги израдуваа сите пратеници во салата:
„Точно е дека чекавме, и јас лично сметам дека имаше зошто, и дочекавме една многу убава работа. Сакам да го поздравам и да го честитам чекорот што го направија денес СДСМ и Реформската партија. Ние со задоволство им се придружуваме. Точно е дека пред два дена на наша иницијатива свикавме заеднички состанок со овие две партии, на кој го поставивме ова прашање и баравме консензус по тоа и по нашиот чекор, меѓу другото вчерашната конференција за печат беше фактички еден очајнички чекор и притисок, една тешка внатрешна потреба која сигурно не беше лесно да ја направи нашата партија“.
„Сакам од ова место – поентираше Ратка Димитрова – да упатам апел за национално единство и на сите пратеници овде, и на членството на сите партии во Македонија, мислам дека ова е еден голем момент и јас со голема радост го упатувам овој апел за единство. Апелирам понатаму да разговараме овде само за оние проблеми, конструктивни проблеми, и да се судираме ако треба за тие конструктивни предлози со избрани зборови и со почит еден спрема друг“.
Надмудрувањата меѓу Стојан Андов и Блаже Ристовски завршија со расправа – за дневниот ред
Интервенираше и Стојан Андов: „Молам, да укажам. Овој предлог-допис што ми е даден од двете пратенички групи не треба да биде сега предмет на расправа. Ние одиме по еден терк се што ни е доставено пред седницата, па кога ќе дојдеме на ред, тогаш по него да се искажуваме. Инаку, ќе направиме забуна и нема да се знае до каде сме дошле. Молам, да одиме понатаму по дневниот ред“.
Тогаш за збор се јави потпретседателот на владата, Блаже Ристовски. Тој изјави: „Овде ми беше поставено директно прашање за документацијата. И тоа два пати. Мислам дека како член на овој кабинет, како човек и како Македонец, јас сум должен да одговорам. Овој парламент ја задолжи Владата на Македонија, со оглед на ситуацијата во која се наоѓа земјата во целина и посебно Македонија, да подготви соодветна регулатива што ќе може во даден момент, при една политичка оценка на ситуацијата, да биде воведена во парламентот и преземени нужните чекори за безбедноста на оваа земја и овој народ. Владата на Македонија веќе неколку пати соопштува и преку устата на својот претседател, а тоа беше не еднаш спомнато и од претседателот на Републиката и во овој парламент, дека работи, подготвува, а во последниот случај и дека сета таа документација е веќе подготвена. Владата на Македонија тоа го направи на 24-ти овој месец. Таа документација е утврдена и се разбира, го чека решението на парламентот…“
На тоа, Стојан Андов, запраша: „Молам, само кажете дали сте ги доставиле до Собранието“? Блаже Ристовски одговори „Јас веќе реков дека ние не сме ги доставиле и дека во овој момент не сме готови да ги доставиме. Тоа е само утврдена документација и таа го чека надлежното решение“.
Понатаму, целата седница беше оптоварена со утврдувањето на дневниот ред, за на крајот да се констатира дека за тоа е потребно да присуствува и премиерот Никола Кљусев, кој тој ден беше отсутен.
Блаже Ристовски, Љубомир Фрчкоски, Владо Поповски и Гордана Силјановска во приказната
Утрото, на 27 јули 1991 година, откако дојдов на работа во Собранието, на чуден начин дознав што се случувало со нашето референдумско прашање! Имено, во врска со референдумското прашање, претседателот Глигоров, веќе на 27 јули 1991 година, го повикал потпретседателот на Владата, д-р. Блаже Ристовски, му го предал листот со референдумското прашање и замолил владата да даде позитивно мислење за тоа. Кога го прочитал прашањето, Ристовски му рекол дека прашањето не е коректно, затоа што во него има два збора „самостојна“ и „независна“, кои имаат идентично значење.
Јас бев во мојата канцеларија во Собранието. Глигоров ми се јави на внатрешниот телефон и ми кажа дека во прашањето има два збора со исто значење. Веднаш му објаснив дека за време на анкетата, некои од граѓаните во прашањето без збунети од зборот „суверена“, па затоа им го покажував и вториот прашалник со зборовите „самостојна“ и „независна“. Но и дека, сепак, сите одговори се поврзани со прашањето „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден Сојуз на суверени држави на Југославија“ и дека тоа прашање треба да се испрати на мислење на владата.
Тогаш потпретседателот на владата, д-р Блаже Ристовски, го однел прашањето во владата и таму се донела одлука владата да консултира стручни лица кои можат да го оценат референдумското прашање. За одговорен за овие консултации бил назначен Љубомир Фрчковски, министер без ресор. Тој веднаш ги повикал професорите Владо Поповски и Гордана Силјановска, да го дадат своето мислење за референдумското прашање. При тоа, професорот Владо Поповски тогаш тврдел дека референдумот од 8 септември 1991 година не можел да биде услов за формирањето на Република Македонија, туку дека тоа може да биде само идниот Устав!
Владата конечно се определи за референдум
Министерот Фрчковски не го прифатил тоа и затоа ѝ предложил на Владата на Кљусев на нова седница, на 27 јули 1991 година, да даде позитивно мислење за референдумот. Во исто време, Владата дала позитивно мислење и за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа, Владата, откако веќе ги добила предлозите на СДСМ и на Реформските сили (Одлука за самоопределување на Република Македонија како самостојна и суверена држава и стапување во Сојуз на суверени држави на Југославија), од една страна, и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ (Предлогот се однесува на Нацрт на Декларација за самостојност на Република Македонија), ги разгледала на 28 јули 1991 година и усвоила Мислење за тие иницијативи и го доставила до Собранието. Во него, меѓу другото констатирала:
„Иницијативите на пратеничките групи за осамостојување на Република Македонија (Одлуката за осамостојување на Република Македонија доставена од пратеничките групи на Сојузот на реформските сили на Македонија – Либерална партија и на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Декларацијата за независност на Република Македонија изготвена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ), Владата ги оценува како корисни, но смета дека за нив, пред се, треба да се постигне консензус во Собранието, во согласност со точките 2 и 3 од наведените Заклучоци на Собранието. Тргнувајќи од тоа, Владата на Република Македонија го известува Собранието на Република Македонија дека е можно одржување на референдум како вид на претходно изјаснување за основните прашања што се однесуваат на сувереноста и самостојноста на Републиката“.
(Во утрешното продолжение: Конечната одлука за распишување на референдумот ги смири тензиите, повикот на бунт и идеите за формирање национална гарда)