ИЛИНДЕН Е ЗАВЕТ ШТО НЀ ОБЕДИНУВА Македонците од Албанија го честитаа празникот

98

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, друштвото „Преспа“ и здружението „ВМРО ДПМНЕ Албанија“ упатија честитки по повод 2 Август – Илинден, порачувајќи дека празникот претставува завет на достоинство и симбол на единството на Македонците.

„Да го почитуваме и достоинствено да го славиме овој голем ден, посветен на Илинденското востание од 1903 година, како и на славниот Илинден од 1944 година, кога беа поставени темелите на современата македонска државност. Илинден е ден кога со длабока почит се сеќаваме на бројните револуционери и борци кои со својата храброст, пожртвуваност и крв ги испишаа најславните страници од историјата на македонскиот народ“, се наведува во честитката на МД „Илинден“, потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај, објавувајќи фотографија од излет на Македонците во Тирана во 1937 година.






Честит и вековит Илинден од име на друштвото „Преспа“, организација за заштита на правата на Македонците во Албанија, посакува и неговиот претседател Едмонд Темелко.

„Илинден е огнот во нашите гради, нашата гордост и нашиот вечен корен! Тој е заветот што нѐ обединува сите Македонци, и овде во татковината, и во секој агол на светот. Денес со длабока почит им се поклонуваме на сите херои кои го дадоа својот живот за нашата слобода. Нивната храброст е нашата сила, а нивниот сон е нашата обврска да продолжиме горди и исправени“, се наведува во честитката.

Претседателката на здружението „ВМРО ДПМНЕ Албанија“ Елена Симонофски, честитајќи го Денот на двата Илиндена порачува „Каде и да си, чувај го илинденскиот пламен во срцето. Да продолжиме да го негуваме и зачувуваме она што нашите предци го извојуваа со толкава пожртвуваност и љубов кон татковината. За многу години големиот празник. Нека ни е вечна и непокорна Македонија“.

Честитка упати и Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во која се нагласува дека Илинден е најсветлиот ден во македонската историја и траен симбол на вековната борба за слобода, правда, достоинство и национален опстанок и порака да го чуваме македонскиот идентитет и да останеме обединети.

Поврзани содржини