Криминалот секогаш (ќе) има име!

Кога ги слушате жалбите на новиот државен обвинител дека јавното обвинителство е сиромашно, неминовно се прашувате зошто воопшто се нафаќал на таа залудна работа ако знаел за ваквата состојба во обвинителството,? И значи ли тоа дека и тој, како и претходните, „сиромашно“ ќе го преспива мандатот?

55

Една од многуте пароли што белградските студенти секојдневно „ги шетаат“ и извикуваат низ улиците е „законот важи и за вас“. И многу е јасна, појасна не може да биде. А имавме и ние такви, или слични, а „ги шетаа“ – поточно: на нив се шлепаа! – токму овие кои денес мислат спротивно: дека законот не важи за нив. Дека, на пример, за пожарот во тетовската болница, каде живи изгореа 14 пациенти, можеа да го обвинат дежурниот лекар. И дека дури и денес некој друг треба да одговара. Зашто, по ѓаволите, па тие се опозициската елита, тие се недопирливите!

А кога ќе ги видиш кои се, жив грев – интелектуално и политички недозреани, но криминално „ко борови“ израснати. Ама постојано сакаат да се идентификуваат со нас па „госпожата“ заменичка нѐ плаши дека „Ова драги мои граѓанки и граѓани е многу сериозно. Денеска беше Филипче, вчера беше Тренчевска, а и вчера и денес и утре е секој еден од нас!“. Се разбира, така и треба, од вас – да, но каква врска имаме ние со вас и вашите криминали?! Нека му ја мислат тие кои имаат!






А зрелоста и моралот ќе им ги видите и низ праксата персони со судска извршна пресуда за криминал да бидат бирани на највисоки општествени позиции. И никој не смее ништо да им приговори, уште помалку да ги потсети на криминалите. Дури ни премиерот! Зашто законите секогаш (ќе) важат за другите, на пример за оној со стоте ќебапи, но не и за нив. А „експертите“, оние кои секогаш имаат што да кажат кога се во прашање омразените политички противници, по обичај сега – молчат! И тие изгледа мислат дека законите се – само за другите?!

Иако, во случајов, премиерот можеби избрзал. Тоа – кој каде треба да биде – велат не била негова работа. Но истите тие, со големо задоволство, го прераскажуваат фамозниот еу извештај (малите букви се…) и се ситат на забелешките дека малку е направено на планот на борбата против корупцијата и криминалот! Можеби и тоа се однесува на оние форматни „криминалци“ кои крадат стотина ќебапи односно онаа налудничава еу сака да ни каже дека борбата треба да се насочи против нив? Можеби и таа мисли дека оваа криминална опозиција е над законот односно тој не важи за нив?! Како што, на пример, ни за Бугарија не важат некои еу принципи, правила и стандарди?

За среќа, криминалот секогаш (ќе) има име и тоа не мора да го каже баш премиерот. Може некој и од оние кои седат пред „Кооперација“ со топло пиво. Или некој од оние кои пишуваат на социјалните мрежи или на порталите – а ги има(ше) доволно! – и ги спомнуваа(т), меѓу другите, и имињата што ги кажа и премиерот. Но кај нас има разлика, нели, кој што кажува. Овие вториве се неважни, тие не се допрен глас, тие се никој и ништо за државниот обвинител, за онаа сурија „независни“ ниски, средни и високи обвинител(к)и кои од здодевност не знаат што да прават со себеси па се вуштаат во секакви „игри“. Ама белки премиерот е важен?! Или не, тие се – „независни“?

Од друга страна, кога ги слушате жалбите на новиот државен обвинител дека јавното обвинителство е сиромашно, неминовно се прашувате зошто воопшто се нафаќал на таа залудна работа ако знаел за ваквата состојба во обвинителството,? И значи ли тоа дека и тој, како и претходните, „сиромашно“ ќе го преспива мандатот? Или ќе се занимава со оние крајно периферни работи како менување на логото на институцијата наместо прво да ги смени корумпираните обвинители и да ги извади скриените предмети од фиоките? Па барем тоа не бара којзнае колкави средства? И зарем навистина „сиромаштијата“ им пречи сериозно да се позанимаваат со оние нешта кои целата македонска јавност ги посочува како криминал? Или фиоките се цврсто заклучени, а на оние корумпиранине задниците им се залепени за фотелјите?

И, се разбира, како што посочи Геровски за еден неодамнешен упорно премолчуван „лабораториски“ случај, можеме сите да се правиме мутави но тоа ништо нема да промени: криминалот секогаш ќе биде криминал, без оглед каква машничка (ќе) му ставаат. Често дури и „независна“. И криминалците секогаш ќе имаат име, соопштено веднаш или многу, многу подоцна. Дури и кога се надмудруваат во преименувањето на криминалот, па на крајот, испаѓа дека – нема криминал! Особено кога криминалот е со поголеми размери и етно-коалициски партиски обоен, тогаш постојано има „олеснителни околности“ и „експерти“ подготвени да нанесат фина глазура од дилеми. Посебно за независноста на обвинителството и судството, за тоа кој кому се јавил да праша што ручал… А сега и „сиромаштијата“ ни ја плеснаа в лице како алиби!

Ако пак во ѕидовите на семејните куќи кријат стотици илјади евра и долари, колку ли кријат низ странските банки? Или ни тоа не треба да ја интересира власта зашто тие, по ѓаволите, се независни?

И заради тоа ли „пресуди“ кај нас се носат на јавни трибини, од страна на новинари, уредници, професори, па дури и академици… зашто другиве се зафатени со криење на парите? Но што глумат овие, преки судови? И од каде им се на сите детални податоци за криминалите, што во нормални држави би бил класифициран материјал? И за тоа ли е „сиромашен“ државниот обвинител, ако не повеќе барем да ги праша од каде им се тие информации?

Но, повторно: криминалот секогаш останува криминал со име и презиме. Само деталите треба и формално да се откријат. Или барем оној кој ги крие: најчесто јатаци односно „партнери“, но и партии, самата криминална зделка или договорот (писмен или устен, како кај „лаборантките“) на двете „страни“ итн. Што не секогаш е лесно зашто криминалот е прекриен со стотина превези, скриен длабоко од очите на јавноста, прогласуван за непостоечки, или занемарлив, па и кога е толку очигледен што просто ве болат очите од него. Дури и кога еднаш сте го нарекле „криминал на векот“.

И тогаш, сѐ станува појасно: криминалот е во системот! И токму системот – односно оние кои го креирале! – ги смислил тие „илјада и еден“ начин за негово прикривање, камуфлирање, оправдување, олеснување, одложување…, па сѐ до – застарување. Како во случајот со новиот „претседател“ на Универзитетскиот сенат! А после сите се чудат кога ли оној уким (малите букви се сосема соодветни на неговата репутација денес) ќе се појави на „шангајската листа“. Со овие луѓе – никогаш, па ни тогаш!

И ниту еден од „експертите“ така загрижени за „демократското“ функционирање на „системот“ не предлага мерки за надминување на оваа македонска правосудна фарса. Во целото коруптивно-криминално правосудно оро континуирано – и „законски“ – се вклучуваат „мерки“ и „тела“ што ја разводнуваат одговорноста на клучните чинители – обвинителите и судиите – кои пак „експертите“ сесрдно ги покриваат низ формулата за „независност“! Независни од кого и од што? Од власта која ги именува или граѓанинот кој ги плаќа но не смее да праша како е можно криминалот еднаш да биде „криминал на векот“ а потоа за него да нема докази? И зошто барем еднаш оние „експерти“ не нѐ просветлат во која тоа еу држава државниот обвинител е баш така и толку независен?

Или, ако во Франција тој е именуван од претседателот на државата, во Германија од Министерството за правда, во Белгија (формално) од кралот и федералната влада, во Шпанија од кралот на предлог на владата, во Португалија од владата, во Австрија од претседателот односно министерот за правда…, зарем ни таму никој не смее да го праша ништо, па дури ни – што ручал?!

И во оваа земја можеш да кажеш сѐ и сешто и за Претстедателката на државата, и за Премиерот… и за секој друг смртник, само никако не за државниот обвинител кој како да пропаднал во земја или за другите обвинители и судии, па дури и за „лидеро“ на опозицијата? Навистина ли нѐ гледаат како „кутри дилетанти“, „неверојатно несвесни и запрепастувачки неинформирани“, да не речам баш тооолку глупави? И дека ништо не разбираме, уште помалку паметиме, па секој будала може да ни продаде рог за свеќа зашто некој го честел со привилегија јавно да тресе глупости?

Барем досега, во оваа земја ништо не останало тајна, а јавната „пресуда“ некогаш е посилна и подолготрајна од формалната. И ниту една измислица како оправдување на вувузелите на сектана не може туку-така да ја побие.

Поврзани содржини