СЕДЛОСКИ НАЈАВИ ПРОМЕНИ ПО ДЕБАКЛОТ СО ШВАЈЦАРИЈА Селекторот бара од играчите поголем квалитет и карактер
Македонскиот селектор најави промени во составот и побара од фудбалерите поголем квалитет и карактер на теренот против Словенија во Љубљана.
Македонската фудбалска репрезентација утре го игра вториот натпревар во новото издание на Лигата на нации. Избраниците на Гоце Седлоски гостуваат кај Словенија на стадионот „Стожице“ во Љубљана, откако во првото коло на домашен терен загубија од Швајцарија со 0:3.
Селекторот Седлоски најави промени во составот, но и реакција од своите фудбалери по убедливиот пораз во Скопје.
– Добро го анализиравме натпреварот со Швајцарија и знаеме каде треба да ги поправиме грешките. Играчите се подготвени и очекувам од сите максимален ангажман. Словенија е квалитетна репрезентација, настапуваше на последното Европско првенство и заслужува максимален респект. Ќе има освежување во составот, во повеќе линии. Имаме одличен ростер, комбинација од млади и искусни фудбалери. Атмосферата е добра и сите сме мотивирани да одиграме подобро. Јас сум одговорен за изборот на играчите, но од нив очекувам да покажат поголем квалитет и карактер на теренот. Словенија не смее да биде потценета и мора да бидеме максимално подготвени – изјави селекторот Седлоски на прес-конференцијата.
Натпреварот Словенија – Македонија се игра во вторник од 20:45 часот на стадионот „Стожице“ во Љубљана.