„Будење“ на народот?!

Како и во животот, и во политиката нема простување без извинување. Тоа е првиот чекор кон менување на нештата – чекор што кај нас изостана. И изостанува! Извинувањето го заменија со – пцовки!

1

Насловот всушност треба(ше) да гласи „Будење на стаорецот“, во чест – но и како парафраза! – на блиската 60-годишнина од освојувањето на „Сребрената мечка“ (Берлин, 1967) на Живоин Павловиќ за истоимениот филм и неговата и денес алузивна моќ. Се откажав поради потенцијалната лоша асоцијација на стаорецот со народот, а намерата не е таа. Како што се покажа, „стаорецот“ беше некој друг во таа 2017 година и тоа народот добро го памети. А приказната, за жал, и продолжува со истото темпо!

Зошто ги спомнувам „стаорецот“ и народот? Па затоа што сите политики и секоја демократија без поддршка од народот/граѓанинот е само блеф, виц, манипулација односно хибридна демократија… А оние „структури“ од минатиот пат – државотворните „наследници“ и нивните соцреалистички инсталации (правосудство, универзитет, медиуми) – денес останаа токму без главната поддршка: народот/граѓанинот! Оттаму и сите нивни „лекции“ за демократијата, со коишто мислат дека ќе го вратат граѓанинот-гласач под своето крило.






А во тој лекцијашки хор на најсилно се вклучени и социјалните мрежи, каде цела сурија ботови, непрежалени соцреалистички шарлатани и дното на тој талог упорно се идентификува со остатоците на криминалната банда од онаа 2017 година, повикувајќи на ново будење на народот. Српските студенти дополнително им ги подгреваат надежите дека и овде може уште еднаш да се случи чудо (иако состојбите се радикално различни!).

Се провикнуваат на социјалните мрежи и некакви лакрдијашки ликови дури и од странство, загрижени демек за судбината на државата со овие „националисти“ на власт, а со веќе опскурна надеж во остатоците од оние тотално неспособни соцреалистички „елити“ построени зад грст полуписмени шутраци. Интересно како истите тие толку загрижени ликови не смеат да писнат за политиките на властите во земјите каде што сега живеат, но имаат полни усти отрови за состојбите во Македонија и точно знаат што и како треба(ло) да се направи овде?!

Наспроти целиот катастрофичен од на македонската демократија, во реалниот живот уште има ликови чии капацитети се на толку ниско рамниште што не можат да ги поврзат сите нишки на големите предавства на нивните непрежалени фаворити па трагикомично сонуваат за некакво будење на македонскиот граѓанин, но не во општа полза туку само и единствено заради враќање на нивните криминалци на власт. И, секако, новото започнување на истата коруптивна пракса и лажлива реторика за подемот на демократијата, сличен на онаа импотентна 2017 година, таа што повторно сакаат да ни ја сместат уште на првиот свиок.

Дел од овие во суштина трагични ликови се беа вносно етаблирале во тој одживеан но ревитализиран „систем“ и веројатно имаат за што да жалат. Но најголемото мнозинство од нив е де факто западното во некои опсесивни идеолошки сништа кои, мислат, им ги остварува онаа банда што онака го киднапираше народниот протест во 2016/17 година. И кои само им фингираа(т) соцреалистичка едночинка во неколку продолженија, превеслувајќи ги жедни преку идејата/желбата за демократска вода.

Но, народот веќе не е наивен! Или, поинаку поставено: во вакви пост-ситуации како македонската по онаа 2017 година, нештата неповратно се менуваат. Ако некои тоа не го разбрале – ништо не разбрале. Што пак е евидентно од однесувањето на некогашната власт, а денес очајна маргинализирана групација. Дури и кон „своите“. Повторното будење на народот не може да се случи со истата лажлива реторика филувана со аналфабетски „лекции“ за некаква демократија што треба да дојде. Тоа се приказни за мали деца, како онаа за „демократијата на радијата“. Во американски стил!

Како и во животот, и во политиката нема простување без извинување. Тоа е првиот чекор кон менување на нештата – чекор што кај нас изостана. И изостанува! Извинувањето го заменија со – пцовки!

За да има политичко (во потесната смисла на зборот) простување – а ние всушност за тоа говориме! – мора да има искрено извинување за сите злостори сторени, поточно наметнати, во името на демократијата и граѓанинот. Тоа – особено во дваесет и првиот век – е морален долг, цивилизиран чин на „одговор“ на насилникот кон жртвата! Зашто, во крајна линија, дури и „малиот македонски свет“ е (како што велат Хусерл и Хајдегер) „споделен свет“, интерсубјективен хоризонт, а не само лев идеолошки (да не речам соцреалистички!) камп во којшто едни наметнуваат ставови на други и стражарат тие да не се премислат.

Во тој „споделен простор“ се судруваат ставовите на различни „светови“ и создаваат еден „политички свет“ во којшто, особено кога се бара поддршка за политички ставови, постојат норми што мора да се задоволат. Една од нив – во „реалната политика“ – е извинувањето за грешките и молбата за политичко простување. Впрочем, не случајно и Хана Арент го смета политичкото простување за услов во политичкиот свет! Зашто, „делата и говорот“, во крајна линија, не значат, не „произведуваат“ ништо; нивниот „продукт“ се интерпретативните наративи што произлегуваат од нив. А од оние седум години криминал и корупција произлегоа страотни наративи! Без политичко извинување и политичко проштевање (како резултат на истото), постои реална опасност од непоправлива политичка штета и заложништво од нивните консеквенци. Што и се случи на изборите во онаа 2024 година, со тенденција да се повтори и на наредните избори.

Во нашиот случај, во македонскиот политички свет, особено оној од (самопрогласена) лева ориентација, отсуствува токму тој морален чин: извинување на „жртвата“ и барање политичко простување. А наместо тоа нивната актуелна реторика во тој нивен тотално изместен „свет“ по правило бара грешки кај другиот, одбивајќи дури и обид за партиско и лично преиспитување на минатите „политики“, не пак за јавно извинување за лагите, неисполнетите ветувања, криминалните постапки, злосторничкото здружување итн. На политикантската врхушка во таа групација како да не ѝ е важен потенцијалниот иден гласач туку исклучиво самопромоцијата и настојчивоста да се прогласи „црн ѓавол“ во македонското општество. И тоа по правило да биде – политичкиот противник, најчесто прогласен за омразен непријател! А сега таа листа се проширува и со дел од некогашните нивни „камаради“.

Таквите ставови и однос кон јавноста односно граѓанинот веројатно никогаш во поблиска иднина нема да резултираат во „будење на народот“. Напротив. И тоа се/ќе бидат политичките консеквенци на отсуството на моралниот чин на извинување и елементарното политичко воспитување и култура.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини