РОБЕРТО КАРЛОС ОСТАНАЛ БЕЗ 99% ОД ЗАРАБОТКАТА ВО КАРИЕРАТА „Агенти и семејни проблеми ме испразнија“

Поранешната ѕвезда на Реал Мадрид вели дека останал без 99% од заработката во фудбалската кариера. За размерите на загубата, според него, дознал кога добил документи за кои претходно не знаел.

9

Поранешниот бразилски фудбалер Роберто Карлос тврди дека изгубил 99% од парите заработени во кариерата, проценети на повеќе од 160 милиони евра. На фудбалски собир во Португалија тој ги посочи проблемите со агентите и со семејството како причини за загубата.

– Имав проблеми со луѓе што ми ја испразнија банкарската сметка. Поради агентите и семејните проблеми изгубив 99% од сè што заработив во фудбалот – рече Карлос.






Поранешниот лев бек посебно спомна тежок спор со својот поранешен агент. Кажа и дека имал сериозен семеен проблем, но не посочи кој член на семејството бил вмешан, ниту објасни каква била неговата улога.

– Во четвртокот си легнав на полноќ, а во петокот добив куп документи за кои не знаев дека постојат. Тогаш сфатив дека изгубив сè што создавав – раскажа тој.

Карлос призна дека и самиот направил грешки. На младите фудбалери им порача да внимаваат како управуваат со заработката и со сопствениот имиџ по завршувањето на кариерата.

Бразилецот освои 3 титули во Лигата на шампионите со Реал Мадрид и стана светски првак со Бразил во 2002 година. Денес е амбасадор на мадридскиот клуб.

Поврзани содржини