СДСМ СЕ ПРОТИВ ВЛАДАТА, ПРОТИВ ИНВЕСТИЦИИТЕ, ПРОТИВ СÈ Мицкоски вели дека тие се само за „марихуана економија“
Мицкоски од митингот во Брвеница ги нападна критиките на СДСМ за владините инвестициони проекти и политики, обвинувајќи ја опозицијата дека се противи на сè што предлага и реализира власта.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски вечерва на митингот на партијата во Брвеница ја обвини СДСМ дека се противи на владините политики и инвестиционите проекти, оценувајќи дека опозициската партија нема поддршка за, како што рече, развојот на државата.
Мицкоски се осврна на критиките од СДСМ за владините политики и актуелните инвестициони проекти, при што рече дека опозицијата се противи на сè што предлага и реализира власта.
– Вчера, токму овде во Брвеница, слушнавме тешки зборови од СДС и нивното водство. Слушнавме дека Македонија одела во погрешна насока, слушнавме обвиненија за рудници, за дата-центри, за странски влијанија, за меѓуетнички поделби, но граѓаните имаат право да слушнат и што стои зад тие зборови – рече Мицкоски.
Тој потоа упати директно прашање до СДС, велејќи дека не разбира за што, според него, се залага опозициската партија.
– Разбравме дека од СДС се против за сè, дека се против Владата, против сè за инвестиции, против биле за проектите. Кога одиме во САД велат сме имале скриени намери, кога разговараме за инвестиции тие зборуваат за некаква распродажба, кога зборуваме за индустрија и за рударство тие однапред прогласуваат катастрофа – рече премиерот.
Мицкоски додаде дека, според него, од СДСМ секојдневно доаѓаат нови обвинувања и прес-конференции кои ги оцени како „темелени на лаги, измислици и клевети“.
– За што се тие? Тие се за марихуана економија, тоа им лежи најмногу – рече Мицкоски.
Тој продолжи со обвинувања кон опозицијата, тврдејќи дека нејзините политики се насочени кон распродажба на државата и лично богатење.
– Тие се да ја распродаваат Македонија, да им ставите бел лист хартија, тие ќе потпишат сè само да не треба тие да го платат, само да можат да го платат граѓаните и Македонија, а тие да може што повеќе да украдат од истите и да стават во своите џебови – рече тој.
Мицкоски се осврна и на здравствениот систем и судско-обвинителскиот систем, при што упати дополнителни обвинувања кон поранешната власт.
– Тие се да прават таканаречени здравствени установи коишто им горат живи луѓе, а притоа преку нивните инсталации во судско-обвинителскиот систем да бидат амнестирани од истите, ете за тоа се тие – рече Мицкоски.
Според него, зад политиките на СДСМ не стои грижа за граѓаните и развојот на државата, туку, како што тврди, интерес за задржување на политичкото влијание и остварување лични придобивки.
– Тие се ако може на било кој чекор да украдат, да измислат нешто, но никако не се за да може да ја видат Македонија како се развива, како расте и како може да биде подобро место за живеење – рече Мицкоски.