КАМИОНЏИИТЕ СО УЛТИМАТУМ ДО БРИСЕЛ Бараат решение на проблемот со престој во Шенген зоната до 10 август

Превозниците од четири земји бараат од Европската комисија решение за ограничувањата за престој на возачите во Шенген зоната. Ултиматумот е до 10 август.

46

Превозниците од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина денеска официјално ќе испратат писмо до Европската комисија во кое бараат до 10 август да понуди прифатливо решение за проблемот со ограничувањата за престој на професионални возачи во Шенген зоната.

Ова е одлучено на вчерашната средба на претставниците на превозниците од четирите земји.
Писмото ќе биде испратено и до владите на четирите земји, извозните компании и стопанските комори со цел да се забрза процесот на решавање на проблемот.






– Се согласивме дека во овој момент нема да преземеме никакви конкретни активности, но дека од денешниот состанок ќе испратиме писмо до Европската комисија со рок до 10 август за да се најде прифатливо, ако не конечно, тогаш барем привремено решение за нашите возачи и транспортни компании да можат да работат без пречки – изјави претседателот на Меѓународната асоцијација за транспортен бизнис, Неџо Мандиќ по средбата во Белград.

Тој потсети дека проблемот стана уште поизразен по проширувањето на Шенген зоната кон Хрватска, Романија и Бугарија, поради што земјите од регионот се практично целосно опкружени со земји-членки на Шенген, па возачите голем дел од своето работно време го поминуваат во таа зона.

– Со оглед на тоа што сега има 33 земји во Шенген, тоа значи дека на никаков начин не можеме да прифатиме дека транзитот значи престој. Ако возиме кон земја или дури и кон земја што не е членка на ЕУ, имено Обединетото Кралство, ние сме во Шенген цело време и не престојуваме во ниту еден момент, бидејќи сме или во камионот или на паркингот додека правиме пауза, но тие денови брзо се трошат до моментот кога ќе пристигнеме и ќе се вратиме, па практично се покажува дека престојуваме 90 дена. Сосема е неточно дека професионалец не може да си ја заврши работата – заклучи Мандиќ.

Тој додаде дека превозниците на ваков начин сакаат да одбегнат протести и најави нова средба пред 10 август, ако дотогаш нема решение.

– Во тој случај, ќе објавиме нови конкретни мерки за забрзување на решавањето на овој проблем – рече Мандиќ, без да прецизира кои мерки би можеле да се преземат.

Според, превозниците 10 август е значаен бидејќи тогаш завршуваат 90 дена за престој на возачите во Шенген зоната по ресетирањето на деновите на 10 април по одлука на Комисијата. На 10 април на сите возачи на превозните компании кои возат во Шенген зоната деновите на престој им се вратија на нула.

-Тоа значи дека по овој датум повторно ќе се се јават проблемите со престојот на возачите во Шенген зоната, односно ќе почне надминувањето на границата од 90 дена за престој. Ќе се вратат повторно истите проблеми со опомени, депортации и слично – вели Билјана Муратовска од Макам-транс.

Муратовска додава дека напоредно со ова нашето Министерство за транспорт води билатерални преговори со повеќе земји за да им овозможи на нашите возачи да можат да се движат непречено.

-Хрватска веќе прифати да помогне, доднсе измени на законот за странци с кој се опфатени и нашите возачи, но се уште не се донесени некои подзаконски акти. Значи не е во функција. Има преговори и со Романија, Австрија и други земји. Но нас ни треба трајно решение кое ќе ги опфати сите 33 земји вод Шенген зоната. Решението е во рацете на Европската комисија, а ние сега се трудиме да ги обновиме разговорите тоа да се донесе побрзо – вели Муратовска.

Затоа вели таа треба во периодот до 10 август да се лобира во ЕК да добиеме трајно решение.

-Тоа ќе го постигнеме со заедничко дејствување на сите влади од регионот, компаниите извознички, странските инвеститори и стопанските здруженија, зашто овој проблем не е само на превозниците, туку на економиите на овие земји – вели таа.

Превозниците велат дека сегашното правило според кое државјаните на трети земји можат да останат во Шенген зоната максимум 90 дена во период од 180 дена не е прилагодено за професионалните возачи.
Според анализата која ја направиле нивните здруженија на возачите им се потребни околу 130 дена работа во период од 180 дена за непречено извршување на меѓународен транспорт.

Поврзани содржини