ЕУ ВОВЕДУВА НОВА ДАВАЧКА ЗА МАЛИТЕ ПРАТКИ ОД КИНА Ќе наплаќа трошоци за обработка на пратките
Во 2025 година во ЕУ пристигнале 5,9 милијарди предмети со мала вредност што биле испратени директно до потрошувачите, а околу 90 проценти од тие производи потекнуваат од Кина.
Европскиот парламент одобри царинска реформа со која се воведува дополнителна такса за обработка на малите пратки што пристигнуваат од земји надвор од ЕУ. Новата давачка е одделна од царината од три евра што веќе се применува за пратките со мала вредност.
Таксата ќе биде административен надомест за обработка на пратките, а не класична царинска давачка. Конечниот износ сè уште не е утврден од Европската комисија, иако за време на преговорите се споменувала сума од околу две евра. Земјите-членки треба да започнат со наплата најдоцна до 1 ноември 2026 година.
Новата мерка треба да ги покрие растечките трошоци на царинските служби, кои обработуваат сè поголем број мали пратки нарачани преку онлајн платформи.
Според податоците од Европската комисија, во 2025 година, во ЕУ пристигнале 5,9 милијарди предмети со мала вредност што биле испратени директно до потрошувачите, а околу 90 проценти од тие производи потекнуваат од Кина.
Покрај новата такса, реформата носи и поголема одговорност за онлајн платформите. Целта е дел од обврските што досега ги имаа царинските служби да бидат префрлени кон платформите и операторите што посредуваат во продажбата. Реформата е дел од поширокото преструктурирање на царинскиот систем на ЕУ, со кое Унијата се обидува да се справи со експлозивниот раст на е-трговијата и огромниот број евтини производи што пристигнуваат директно кај европските купувачи.