ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА НЕ МОЖЕ БЕЗ МИГРАНТИТЕ Статистиката откри во кои сектори има најмногу странци

Во неколку професии работниците со мигрантско потекло сочинуваат повеќе од половина од вработените, а нивното учество е високо и во дејности каде што Германија се соочува со недостиг од работна сила.

0

Работниците со мигрантско потекло имаат значајно учество на германскиот пазар на трудот, а во повеќе професии тие сочинуваат и мнозинство. Според првите резултати од Микропописот за 2025 година, 27 отсто од вработените во Германија имаат мигрантско потекло.

Податоците на германскиот Сојузен завод за статистика (Destatis) покажуваат дека работниците со мигрантско потекло имаат особено големо учество во повеќе сектори, меѓу кои здравството, угостителството и градежништвото.






Според дефиницијата што ја користи германската статистика, лице има мигрантско потекло ако тоа или неговите родители се доселиле во Германија по 1950 година.

Во одредени професии, работниците со мигрантско потекло сочинуваат повеќе од половина од вработените.

Најголем удел е регистриран кај готвачите, каде што изнесува 56 отсто. Во производството на храна работниците со мигрантско потекло учествуваат со 55 отсто, кај поставувањето подни облоги со 54 отсто, а кај поставувањето скелиња и преработката на месо со по 51 отсто.

Нивното учество е високо и во професии за кои во Германија постои недостиг од работна сила.

Кај професионалните возачи 41 отсто од работниците имаат мигрантско потекло, во хотелските услуги нивниот удел е 40 отсто, а кај негата и грижата за стари лица 33 отсто.

Од друга страна, меѓу професиите со недостиг од работна сила, најмал удел на работници со мигрантско потекло е регистриран во службите за итна помош – седум отсто.

Германскиот Микропопис е годишно репрезентативно статистичко истражување во кое се опфаќа околу еден отсто од населението. Податоците за 2025 година се први резултати, а официјалниот статистички извештај опфаќа и податоци за вработеноста, образованието, животните услови и други демографски и социјални карактеристики.

Според „Destatis“, во Германија во 2025 година живееле околу 25,8 милиони луѓе со мигрантско потекло.

Поврзани содржини