Ни сто Титовци ни двесте Вељко Влаховиќи немаше да создадат таква манифестација ако не постоеja Рацин и велешани
Реакција по повод обраќањето на Наум Пановски при одбивањето на Рациновото признание за 2026 година.
Не сакав да реагирам. Навистина не сакав зашто Наум Пановски е повеќедецениски пријател на семејството Јачеви. Уште помалку затоа што Наум Пановски во својата јавна објава ме спомнува меѓу луѓето на кои им се заблагодарува за помошта околу книгата „Коста Солев – смртопис“. Но токму затоа чувствувам обврска да не молчам што значи – одобрувам, и да кажам неколку работи, зашто – ако нешто ме научиле филологијата и науката, тоа е дека личните симпатии не смеат да стојат над фактите. Драг ми е Платон, но подрага ми е вистината.
Мојата помош околу ова издание беше скромна, но конкретна. По негова молба му набавив книга од библиотеката во Велес и го поврзав со велешанка, ќерка на истакнат велешки публицист, од која можеше да добие дополнителни податоци и сведоштва. Тоа го направив со добра волја и од почит кон секој што искрено сака да се занимава со ликот и делото на Рацин.
Токму затоа сметам дека имам право да кажам дека не се согласувам со дел од ставовите и интерпретациите изнесени во неговото обраќање.
Најнапред, секој автор има право да ја одбие наградата што му е доделена. Тоа е негово лично и морално право. Но не можам да ја следам логиката според која некој ја одбива наградата, а истовремено предлага каде треба да биде насочен нејзиниот паричен дел. Ако наградата се одбива од принципиелни причини, тогаш таа се одбива во целост. Во спротивно се создава впечаток на недоследност. Паричниот дел од наградата не е приватен имот на добитникот сè додека тој не ја прифати наградата.
Второ, како филолог и македонист, не можам да се согласам со начинот на кој се проблематизира името Рацин.
Приказната за неговиот литературен псевдоним одамна е позната во историјата на македонската литература. Според сведоштвата што ги пренесуваат литературните историчари, на еден литературен кружок се разговарало за францускиот драматург Расин. Младиот Кочо Солев, наместо Расин, изговорил Рацин. Другарите, знаејќи за неговата платонска љубов кон Раца и за песните што ѝ ги посветувал, почнале да го задеваат со тоа име. Тој го прифатил и подоцна самиот го овековечил во своите стихови: „Го земем твоето име како свое/ за да му дадам бесмртност…“ (За ова сведочи, впрочем, и насловната страница на неговата објава во 1939 г. во Загреб, потпишана како К. Рацин.)
Затоа сметам дека псевдонимот Рацин не е конструкција на нечија идеологија, ниту име што му било наметнато. Тоа е име што самиот Кочо Солев го избрал и со кое самиот влегол во македонската литература. Не треба да се заборави дека во различни периоди тој користел и други псевдоними, но токму РАЦИН останал да живее и да се препознае во книжевната и културната меморија. Под тоа име тој се вградил во македонската литература и под тоа име останал запаметен во колективната меморија на македонскиот народ.
Подеднакво ме зачуди и начинот на кој се зборува за Рациновите средби.
Да се спомнуваат Тито и Вељко Влаховиќ, а да не се спомнат луѓето што навистина ја создадоа и ја одржаа оваа манифестација, не е само историски пропуст. Тоа е неправда кон Велес и кон неговата културна меморија. Јас сум велешанка. Израсната сум со приказните за Рацин и за луѓето што ја создаваа традицијата на овој град. Меѓу нив беше и мојот кум Тихо Најдовски, тогашен секретар на велешката партиска организација и еден од луѓето што стоеја зад основањето на Рациновите средби. Ни сто Титовци ни двесте Вељко Влаховиќи немаше да создадат ваква манифестација доколку не постоеше Рацин и велешани кои веруваа дека споменот за него мора да живее.
Рациновите средби не се родени во кабинетите на високата политика. Тие се родени во Велес.
Затоа секогаш кога зборуваме за оваа манифестација, должни сме да покажеме почит и кон нејзините основачи, и кон генерациите велешани што повеќе од шест децении ја одржуваат жива.
И уште нешто што не можам да го премолчам.
Кога добитник на книжевна награда се обраќа до јавноста, од него се очекува почит кон јазикот. Искрено ме изненади фактот што реакцијата е напишана со бројни правописни, јазични и стилски пропусти, со неусогласена интерпункција и со решенија што повеќе потсетуваат на англиски отколку на македонски правописен израз. Тоа не е ситничарење. Тоа е прашање на однос кон зборот и кон јазикот, особено кога станува збор за автор кој се повикува на Рацин.
На крајот, во целиот текст на Наум Пановски не ми пречи што ја одбил наградата, ниту, пак, неговите политички ставови со кои не се согласувам докрај. Мојот проблем е кога во име на Рацин се премолчуваат факти, се занемаруваат луѓе и се присвојува една традиција што е многу поголема од сите нас поединечно.
Рацин не ѝ припаѓа ниту на една власт, ниту на една партија, ниту на еден толкувач. Рацин им припаѓа на Велес, на Македонците и на македонскиот јазик и литература.