ДОКТОР НИНО ВАСЕВ И НЕХАТ НУХИ ИЗЛЕГУВААТ ОД ПРИТВОР Судот прифати гаранција за обвинетите во „Онкологија 2“
По позитивно мислење од Јавното обвинителство, Судот прифатил гаранција во вкупен износ од над 530 илјади евра и определил мерки на претпазливост за двајцата обвинети.
Поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и поранешниот организациски директор, Нехат Нухи, се ослободени од притвор откако Кривичниот суд го прифатил предлогот за гаранција и определил мерки на претпазливост.
„На обвинетиот Н.В. му е определена гаранција во износ од 183.981 евра во корист на Република Северна Македонија, која се состои од ставање под хипотека на недвижен имот, додека на обвинетиот Н.Н. му е определена гаранција во износ од 348.049 евра, исто така со ставање под хипотека на недвижен имот“, се вели во соопштението на Кривичен суд кој донел решение дека предлогот се уважува подобиено позитивно мислење од надлежното Јавно обвинителство.
Воедно, на обвинетите им се определени и следните мерки на претпазливост:
забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето на територијата на град Скопје;
обврска еднаш месечно да се јавуваат во судот; и привремено одземање на патните исправи и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.
При одлучувањето, покрај позитивното мислење на Јавн ото обвинителство, Советот го имал предвид и фактот дека мерката притвор, определена со решение на Апелациониот суд Скопје, согласно законските одредби, може да биде продолжувана и да трае најдоцна до 18 јули 2026 година.
Со оглед дека надлежното обвинителство се откажа од правото на жалба против овие решенија, а хипотеката понудена како гаранција е веќе впишана во Катастарот на недвижности, истите станаа правосилни, по што обвинетите се ослободени од притвор“ стои во соопштението на Кривичен суд.
Поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија, д-р Нино Васев, и поранешниот организациски директор, Нехат Нухи, се обвинети во судскиот процес познат како „Онкологија 2“ за тешки кривични дела: злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата.
Дополнително, против Васев се води и посебен предмет поврзан со третманот на пациенти, односно таканаречениот случај „Онкологија 1“.