АКО ИЗБИЕ ВОЈНА, САД ЌЕ СТОРАТ СЀ ЗА УСПЕШНА ОДБРАНА НА ЕВРОПА Руте потврди дека Вашингтон го намалува учеството во кризните сили на НАТО

Сојузниците разбираат дека Вашингтон има безбедносни обврски на глобално ниво и затоа Европа и Канада треба да преземат поголем дел од товарот во конвенционалните сили, додека американското нуклеарно одвраќање останува стабилен столб на одбраната на НАТО, рече генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.

237

Одлуката на САД за намалување на американското учество во кризните сили на НАТО стапи во сила веднаш, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.

Останатите сојузници веќе го зголемуваат своето учество, за да ги пополнат празнините, додаде тој.






– Вчера се постави прашањето: дали ова важи веднаш или не? Важи веднаш – изјави Руте во Брисел, воочи денешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО.

Тој појасни дека станува збор за плански механизам за распоредување на силите и дека во случај на вистински конфликт сите сојузници, вклучително и САД, би ги ангажирале максималните капацитети за одбрана.

– Ако избие војна, сите сојузници ќе направат сè што можат за да обезбедат успешна одбрана – рече Руте.

Според него, намалувањето на американското учество во рамки на т.н. „НАТО Форс Модел“ нема да ја ослаби способноста на Алијансата, бидејќи европските земји членки и Канада ќе го зголемат својот ангажман. Овој модел е систем на сили што можат да бидат активирани во случај на голема криза, како евентуален напад врз членка на Алијансата. Составот на тие сили е строго доверлив.

Руте ги посочи како невистинити одредени медиумски толкувања околу намалувањето на американското учество, истакнувајќи дека САД остануваат целосно посветени на НАТО.

– САД јасно ставија до знаење дека остануваат посветени на Алијансата – рече Руте.

Тој објасни дека сојузниците разбираат дека Вашингтон има безбедносни обврски на глобално ниво и дека затоа Европа и Канада треба да преземат поголем дел од товарот во конвенционалните сили, додека американското нуклеарно одвраќање останува стабилен столб на одбраната на НАТО.

САД минатиот месец соопштија дека повеќе нема автоматски да обезбедуваат одредени поморски и воздухопловни капацитети за европските сојузници во случај на конфликт, како дел од настојувањата Европа да ги зголеми издвојувањата за одбрана и да ја намали зависноста од американската воена поддршка.

На денешниот состанок на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО се очекува американскиот министер за војна Пит Хегсет да ги повтори барањата на Вашингтон.

Средбата се одржува во време кога европските сојузници разговараат за можна поморска мисија предводена од Франција и Велика Британија за обезбедување на пловидбата низ Ормускиот Теснец по завршувањето на воените дејствија со Иран. Во зависност од развојот на ситуацијата на Блискиот Исток, сојузниците би можеле да донесат одлука за таква мисија на претстојниот самит на НАТО идниот месец во Анкара.

На денешната средба министрите ќе разговараат и за нуклеарното одвраќање, како и за натамошната поддршка на Украина. По состанокот е предвидена донаторска конференција за обезбедување дополнителна воена помош за Киев, а со неа ќе претседаваат германскиот министер за одбрана, Борис Писториус и британскиот министер за одбрана, Ден Џарвис.

 

Поврзани содржини