ВНИМАВАЈТЕ КАКО ВОЗИТЕ ВО ИТАЛИЈА Една навика што ја практикуваме често може скапо да ве чини

Возење со рака потпрена на прозорецот или испружена надвор од автомобилот може да донесе казна до 338 евра, а во одредени случаи и дополнителни санкции.

46

Една навика што многу возачи ја практикуваат без размислување може скапо да ги чини доколку патуваат во Италија. Возење со спуштен прозорец и потпрена рака на вратата од автомобилот, што за многумина е симбол на летно патување и безгрижно возење, таму може да заврши со парична казна од неколку стотици евра.

Италијанските сообраќајни прописи строго забрануваат кој било дел од телото да биде надвор од димензиите на возилото додека тоа е во движење. Забраната не се однесува само на возачите, туку и на патниците.






Тоа значи дека рака, лакт, нога или глава надвор од прозорецот може да бидат причина за казна. Според италијанскиот Закон за патен сообраќај, за ваков прекршок се предвидени парични санкции од 85 до 338 евра.

Ситуацијата може дополнително да се искомплицира доколку полицијата процени дека положбата на телото влијаела врз контролата на возилото. Во таков случај, возачот може да добие и дополнителна казна која се движи од 42 до 173 евра.

Правилата важат и за патниците. Казна може да следува и ако сопатник ја испружи раката низ прозорецот или се наведнува надвор од возилото за фотографирање или снимање.

Особено внимание треба да посветат семејствата кои патуваат со деца. Доколку дете ја подаде раката или главата надвор од прозорецот за време на возење, тоа исто така се смета за прекршување на прописите.

Освен ова правило, туристите во Италија често се соочуваат и со други непознати сообраќајни ограничувања. Меѓу нив се таканаречените ZTL-зони во градските центри, каде што влезот е ограничен и се контролира со камери, задолжителното користење светла на автопати и надвор од населени места, како и обврската возачот да носи рефлектирачки елек при излегување од возилото во случај на дефект или несреќа.

Познавањето на локалните правила пред патување може да заштеди стотици евра и да спречи непријатни изненадувања за време на одморот.

Поврзани содржини