ЌЕ БИДЕ РАСВЕТЛЕНО СЀ ШТО Е ВО ПОЗАДИНАТА НА ПАЛЕЊЕТО НА ВОЗИЛАТА ПРЕД БУГАРСКАТА АМБАСАДА Ќе се испита со кого комуницирал извршителот
Премиерот Христијан Мицкоски очекува да се расветли позадината на палењето на двете дипломатски возила пред бугарската амбасада во Скопје и повтори дека Владата најостро го осудува тој чин.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска повтори дека Владата најостро го осудува палењето на двете дипломатски возила пред бугарската амбасада во Скопје, коментирајќи ги критиките од бугарските пратеници и претседателката на Бугарија, Илијана Јотова.
Тој очекува дека ќе биде расветлено сè што е во позадината на овој случај.
– Владата го осуди тоа и веднаш го обезбеди лицето кое е сторител на овој кривично-правен чин. Трае распитот, одземени се и уредите за комуникација, да видиме дали и со кого имал комуникација, која е содржината. Распитот сè уште трае. Не би брзал со какви било квалификации од страна на нашиот источен сосед, но најсилно го осудуваме како Влада и во рамки на законските ингеренции ќе постапиме. Очекувам дека ќе биде расветлено сè што е во позадина на овој случај – рече Мицкоски при посетата на реконструираната болница во Струмица.