ПОЗНАТИОТ ТВ-ВОДИТЕЛ БИЛ РИТЕР ИМА АЛЦХАЈМЕР Американскиот новинар ги откри првите симптоми на болеста што ги игнорирал 2 години

Легендарниот американски новинар ги игнорирал првите симптоми две години, убеден дека проблемите со меморијата се последица на напорниот работен ритам

101

Американскиот телевизиски водител Бил Ритер (76), едно од најпрепознатливите лица на телевизијата ABC 7 New York, откри дека му е дијагностицирана Алцхајмерова болест во рана фаза и дека поради тоа се повлекува од редовните водителски обврски.

Во емисијата „Good Morning America“, ветеранот во новинарството отворено зборува за првите симптоми што ги забележал пред околу две години, но кои долго време ги припишувал на исцрпувачкиот работен распоред.

– Сфатив дека почнувам да ги заборавам имињата на луѓето и местата. Не знаев зошто ми се случува тоа – раскажал Ритер. Промените ги забележала и неговата сопруга Кетлин, иако на никој друг не му се чинело дека нешто не е во ред.

Во обид да ја подобри состојбата, тој постепено ги намалил професионалните обврски. Најпрво се повлекол од доцните вечерни вести, а потоа и од попладневната емисија, за да се посвети само на централниот информативен термин.

– По првпат по 25 години почнав нормално да спијам навечер. Конечно се наспивав, но состојбата не се подобруваше – изјавил тој. Тогаш одлучил да побара лекарска помош и да направи детални испитувања.

Дијагнозата ја соопшти јавно на 12 јуни, за време на вечерните вести во живо. Признава дека првата мисла му била неговиот татко, кој починал од Алцхајмерова болест во 1998 година.

– Веднаш помислив на татко ми. А потоа, неколку секунди подоцна, ме обзеде страв. Не ми е проблем да го признаам тоа. Беше навистина страшно – рекол Ритер.

Сепак, вели дека многу брзо фокусот го насочил кон семејството.

– Алцхајмеровата болест најмногу го погодува семејството. Како сопруг и татко си реков дека морам да се справам со ова. Ме загрижуваат најмногу моите најблиски – објаснил новинарот.

Особено емотивен бил кога зборувал за одлуката да ја напушти водителската позиција. Според него, како новинар чувствувал обврска искрено да им ја каже вистината на гледачите.

– Нашата работа се темели на факти и вистина. Сметав дека им должам на гледачите искреност и за ова – изјавил Ритер.

По објавувањето на дијагнозата добил стотици пораки со поддршка, многу од нив од луѓе чии семејства исто така се соочиле со Алцхајмерова болест.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ABC7NY (@abc7ny)

Иако се повлекува од водителската маса, Ритер не се откажува од новинарството. Планира и натаму да соработува со ABC 7 и да ја искористи својата препознатливост за подигнување на свеста за Алцхајмеровата болест и за поддршка на луѓето погодени од ова заболување.

– Мислам дека имаме можност да помогнеме. Сега гледам колку луѓе бараат поддршка и сакам да бидам дел од тоа – порачал Ритер.

Поврзани содржини