УКРАИНСКИ ДРОНОВИ ПОГОДИЈА ЕЛИТЕН СТАНБЕН КОМПЛЕКС ВО МОСКВА Нема жртви, но има порака
Погодениот објект е на релативно мала оддалеченост од клучни државни и воени институции, што отвора прашања за ефикасноста на руската противвоздушна одбрана.
Украинските сили извршија напад со дронови врз Москва во текот на ноќта, погодувајќи луксузен станбен комплекс во руската престолнина, објавија руските канали на Телеграм.
Снимките објавени на социјалните мрежи го покажуваат дронот како лета ниско над Москва кратко пред 1 часот по полноќ по локално време. Жителите пријавија силни експлозии во градот набргу потоа.
Фотографиите покажуваат штета на горните катови на еден облакодер. Се верува дека станува збор за кулата „Мосфилм“, луксузен комплекс западно од центарот на градот. На улицата пред облакодерот може да се видат остатоци од дронот.
Службите за итни случаи излегле на местото на настанот, и според нивните извештаи, немало повредени, а нанесена е материјална штета.
Според руските власти, ова е еден од најдрските украински удари врз цивилна инфраструктура во руската престолнина од почетокот на војната. Иако материјалната штета сè уште се проценува, симболиката на нападот е далеку поголема од неговите непосредни последици.
Според достапните информации, погодениот објект е на релативно мала оддалеченост од клучни државни и воени институции, што отвора прашања за ефикасноста на руската противвоздушна одбрана.
Исто така, времето на овој напад не е случајно избрано – инцидентот се случува само неколку дена пред одбележувањето на 9 Мај – Денот на победата, еден од најважните државни празници во Русија, кој традиционално се користи за демонстрација на воена моќ и национално единство.
Оваа година, сепак, има значајна промена – најавено е дека воената техника нема да биде во фокусот на парадата. Во тој контекст, нападот може да се толкува како обид да се наруши симболиката на настанот и да се испрати порака дека дури и центарот на руската моќ не е недопирлив.
Засилените напади со дронови врз Москва во последните месеци укажуваат на менување на стратегијата на Украина. Наместо исклучиво фронтални судири, сè повеќе се користат асиметрични методи со цел да се создаде психолошки притисок врз населението и политичкото раководство.
Рускиот претседател Владимир Путин неодамна изјави дека Украина се повеќе губи територии на фронтот, па затоа преминува на, како што ги нарече, терористички методи на војување.
Moscow… There is no panic! 🦅👀 pic.twitter.com/ea3YtFDVSq
— MAKS 25 🇺🇦👀 (@Maks_NAFO_FELLA) May 3, 2026