ЕГИПЕТ ЛЕЖИ НА ПРИРОДЕН ГАС Откриено ново наоѓалиште во делтата на Нил

Проектот го управува италијанската компанија „Ени“ во партнерство со компанијата „БП“ и заедничкото претпријатие „Петробел“, кое работи во соработка со Египетската генерална нафтена корпорација.

38

Египет интензивно работи на откривање нафтени и гасни полиња. Од јануари објави неколку наоѓалишта на кои работат странски компании. Последното  е  за значајно ново откритие на природен гас во делтата на Нил, што би можело дополнително да ја зајакне енергетската стабилност на земјата и да го зголеми домашното производство.

Министерството за нафта и минерални ресурси на Египет објави дека е пронајден гас на истражната бушотина Нидоко Н-2, која се наоѓа во областа Кафр Ел-Шеик. Се очекува новата бушотина да произведува околу 50 милиони кубни метри гас дневно.

Проектот го управува италијанската компанија „Ени“ во партнерство со компанијата „БП“ и заедничкото претпријатие „Петробел“, кое работи во соработка со Египетската генерална нафтена корпорација.

Во имплементацијата на проектот е користена напредна технологија за насочно дупчење, што овозможило од копно да се стигне до наоѓалиштата на гас во плитки морски зони. Овој пристап ја зголемил ефикасноста, но исто така значително ги намалил трошоците за експлоатација.

Благодарение на близината на постојната инфраструктура, на помалку од два километри од веќе изградените објекти, се очекува новата бушотина многу брзо да биде поврзана со националната мрежа и да започне со производство веќе во наредните недели.

Ова е второ наоѓалиште на гас во Египет на кое работи италијанската енергетска компанија „Ени“. Претходно компанијата  објави дека открила ново наоѓалиште на гас и кондензат во Средоземното Море, покрај брегот на Египет во рамки на истражувачкиот бунар Дениз W-1.

Прелиминарните проценки покажуваат дека на таа локација има околу 57 милијарди кубни метри гас, како и околу 130 милиони барели кондензат.

Египетското Министерството за нафта и минерални ресурси во јануари објави дека неколку нафтени и гасни компании што работат во земјата истражуваат во Западната пустина, Источната пустина и делтата на Нил.

Откритијата се резултат на пет истражувачки бунари на кои работат „Халда Петролеум“, „Џенерал Петролеум Компани“ (GPC) и „Дисук Петролеум Компани“ (DISOUCO).

Поврзани содржини