СВЕТСКА БАНКА СО ЦРНО СЦЕНАРИО Нафтата може да стигне до 115 долари

Светската банка предупредува на силен раст на цените на енергенсите, инфлацијата и глобалните економски ризици доколку продолжи војната на Блискиот Исток.

36

Светската банка во нов извештај предупредува дека војната на Блискиот Исток може значително да ги зголеми цените на енергенсите, со проектиран раст од 24 отсто во 2026 година, додека вкупните цени на стоките би можеле да пораснат за повеќе од 16 отсто. Ова, според институцијата, би ја засилило глобалната инфлација и би го забавило економскиот раст во светот.

Во извештајот се наведува дека конфликтот веќе предизвикал еден од најголемите шокови во снабдувањето со нафта, со почетен пад на глобалната понуда од околу 10 милиони барели дневно.

Дополнителен притисок врз пазарите создаваат нападите врз енергетската инфраструктура и нарушувањата во транспортот низ Ормутскиот Теснец, преку која поминува околу 35 отсто од светската поморска трговија со сурова нафта, што дополнително ја влошува состојбата, наведува Светската банка.

Цената на нафтата „Брент“ веќе во средината на април била за околу 50 отсто повисока во однос на почетокот на годината. За 2026 година се предвидува просечна цена од 86 долари за барел, наспроти 69 долари во 2025 година. Проекциите се базираат на претпоставка дека најтешките нарушувања ќе се стабилизираат до мај и дека транспортните рути постепено ќе се нормализираат до крајот на годината.

Главниот економист на Светска банка, Индермит Гил, предупредува дека војната има „брановиден ефект“ врз глобалната економија — почнувајќи од раст на цените на енергенсите, потоа храната, а потоа преку инфлација и повисоки каматни стапки, што го поскапува задолжувањето.

Според извештајот, цените на ѓубривата би можеле да пораснат за 31 отсто во 2026 година, што директно би ги намалило приходите на земјоделците и би ги загрозило приносите.

Истовремено, индустриските метали како алуминиум, бакар и калај би можеле да достигнат историски нивоа, поттикнати од побарувачката од сектори како центрите за податоци, електричните возила и обновливите извори на енергија. Скапоцените метали, исто така, бележат силен раст, со очекуван скок на просечните цени од 42 отсто, поради зголемената побарувачка за сигурни инвестиции во услови на геополитичка неизвесност.

Во економиите во развој, инфлацијата би можела да достигне 5,1 отсто во 2026 година, што е за еден процентен поен повеќе од претходните проценки, додека растот е ревидиран надолу на 3,6 отсто.

Во понегативно сценарио, доколку конфликтот се продлабочи или дојде до нови оштетувања на клучната инфраструктура, цената на нафтата би можела да порасне и до 115 долари за барел. Во тој случај, инфлацијата во земјите во развој би достигнала 5,8 отсто — ниво последен пат забележано за време на енергетската криза во 2022 година, се наведува во извештајот објавен на веб-страницата на Светската банка.

Заменик-главниот економист на институцијата, Ајхан Косе, предупредува дека владите имаат ограничен фискален простор за реакција и дека треба да избегнуваат широки, неселективни мерки, фокусирајќи се на таргетирана и привремена помош за најранливите категории.

Поврзани содржини