„КОРЕНИТЕ МИ СЕ ОД ТАМУ“ Ибрахимовиќ откри за кого ќе навива на Мундијалот
Легендарниот Швеѓанец со балкански корени призна дека на Мундијалот најмногу ќе ја следи Хрватска, додека посебно внимание ќе посвети и на Англија и на Гана.
Златан Ибрахимовиќ, кој е дел од стручниот тим за анализи на Светското првенство во Северна Америка, откри која група најмногу го привлекува вниманието и за која репрезентација ќе навива во текот на турнирот.
– Ја избирам групата Л. Таму е Англија, па ќе видиме дали фудбалот се враќа дома. Потоа е Хрватска, моите корени се од таму, така што навивам за Хрватска на ова Светско првенство. Гана е преполна со талент и ме интересира како ќе се претстави. Што се однесува до Панама, мислам дека ќе биде аутсајдер во оваа група – изјави Ибрахимовиќ.
Интересно е што поранешниот напаѓач на Милан, Барселона и ПСЖ овој пат не ја спомена Босна и Херцеговина, иако неговиот татко Шефик Ибрахимовиќ потекнува од таа земја. Од друга страна, неговата мајка Јурка Гравиќ има хрватски корени од околината на Задар.
И покрај поддршката за Хрватска, Ибрахимовиќ останува една од најголемите легенди на шведскиот фудбал. За Шведска одигра 122 натпревари и постигна рекордни 62 гола, бројки што сè уште стојат на врвот на националната статистика.