ИСТОРИСКИТЕ СПОРОВИ СЕ ГУБЕЊЕ ВРЕМЕ Македонија треба да се европеизира преку реформи и владеење на правото

Македонија треба да се европеизира преку реформи и владеење на правото, а не преку расправи за историјата и за националниот идентитет, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова во интервју. Таа нагласува дека ЕУ треба да нѐ оценува според Копенхашките критериуми, а не според историски и идентитетски спорови.

1

„Оставете нѐ да се европеизираме на патот, да станеме компатибилни со она што го бараат Копенхашките критериуми. Како? Не губејќи го времето на решавање на историски прашања бидејќи тие се исклучени од идентитетските, од конститутивните акти на ЕУ, преку членот дека ќе се почитуваа националниот и културниот идентитет, и да се концентрираме на европеизацијата“.

Вака истакна претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во мега интервјуто за МИА, што ќе биде објавено викендов.






Во однос на прашањето за нејзината порака од Бугарија каде што учествуваше на самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ, дека процесот на проширување на ЕУ мора да се темели на Копенхашките критериуми, таа одговори дека не може европскиот конституционализам да опстои ако не ги почитува сопствените вредности.

– Членот 2 на Договорот за ЕУ, повикува на почит на дигнитетот, слободата, еднаквоста, демократијата, владеењето на правото, на човековите права, вклучувајќи ги и малцинските. Тоа е нешто што е врзано директно за Копенхашките критериуми од 1993-тата година – вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова и додава дека на овој член се повикува членот 49 од Договорот за ЕУ кога вели дека нивното исполнување е услов, и тоа не само политички, туку и правен услов за членство.

Уште поважен, можеби и порелевантен за нашиов случај, како што рече, е членот 4, став 2, „нешто што ние во уставното право го нарекуваме клаузула на национален идентитет, бидејќи јасно се вели дека Унијата ќе ја почитува еднаквоста на сите членки, не само на тие внатре, туку и на оние коишто сакаат да влезат внатре“.

– Зошто? Бидејќи се однесува на националниот идентитет, на културниот идентитет и ова најважното – инхерентен на фундаменталните политички и уставни структури на државата, додаде претседателката.

Значи, вели таа, ЕУ ќе ги почитува уставните и политичките структури.

– А тука е и логиката на другата група држави, кои велат дека ова се однесува само на членките кои се внатре во ЕУ. Апсурдно е дека вие не мора да ги исполнувате овие критериуми кога аплицирате, ама откако ќе влезете… е, тогаш мора. Па ако е така, тогаш кога ќе влезат државите, сигурно ќе ги менуваат уставите. Има држави, како Италија и Холандија, кои немаат ниту еден збор за Европската Унија. Има држави коишто внесуваат најчесто една глава во Уставот што се однесува на односот меѓу уставното право, домашното, националното и акито, односно европското право. Ама ние со децении се хармонизираме. Со што се хармонизираме? Па точно со овие принципи бидејќи тие кореспондираат со Копенхашките критериуми и не случајно се утврдени – истакна Сиљановска Давкова.

Таа напомена уште еден важен член, членот 4, ама сега ставот 3, бидејќи тој вели дека се поттикнува или се бара искрена соработка, па и во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, основниот принцип е bona fide.

– Значи, пријателство и добрососедство, не непријателство и вето. И суштината на пријателството и на добрососедството е во преамбулата на Договорот. И таа вели дека нашиот сосед ќе нѐ помага на патот со сопствените искуства, исто така ќе ни го отвори патот кон Европската Унија и тоа некако звучи скандинавски. Ама не е така – рече претседателката, притоа укажувајќи и на последниот релевантен член – членот 49, кој се однесува на тоа кога вие можете да влезете, кога може да станете членка на Европската Унија.

Таа појасни дека тој член многу убаво се осврнува на претходните што ги наброја – дали членката, кандидатката ги исполнува.

– И понатаму следи она што го слушам деновиве и не го разбирам. Следи одлуката на парламентот, значи на македонскиот парламент со двотретинско мнозинство, кој треба да го чуе, преку пратениците, гласот на граѓаните. Како? Не само со двотретинското мнозинство, туку и со референдум на којшто граѓаните ќе одлучат дали се за членство во Европската Унија по ратификацијата од другите членки. Значи ние предложивме решение коешто не би го предложиле другите држави. Решение дека ајде и по 37-ми пат ќе менуваме Устав, рече претседателката Сиљановска Давкова, алудирајќи на тоа дека проблемот со нашето членство во ЕУ не е Уставот, зашто тој има веќе 36 амандмани, 36 пати е менуван и секогаш под влијание на меѓународната заедница.

Наместо уставен патриотизам, таа смета дека ние честопати се одметнувавме или префериравме не само уставен релативизам, туку дури и уставен нихилизам.

– Зошто? Несоодветно однесувајќи се кон законот на законите, кон највисокиот закон секаде, ама и кон најсуштинската општествена повелба меѓу граѓаните. Општествен договор, што би рекол Жан-Жак Русо. Доказ? Тоа се 36 амандмани, најголем дел од нив иницирани од надвор. Прашањето е сега дали суверенитетот, при промените на Уставот, имавме предвид дека извира од граѓаните и им припаѓа ним, бидејќи обично сите преамбули ова го изразуваат и со првата реченица од преамбулата „Ние, народот…“ итн., а само кај на игледа е: „Ние, народот и меѓународната заедница“, или „Ние, народот и Европската Унија“, или… Но, зборуваме за Устав. И јас затоа секогаш потенцирам дека припаѓам на групата конституционалисти кои кога ги читаат темелните извори или уставните извори на Европската Унија, се разбира дека ги читаат не само низ очите на членките на ЕУ, туку и низ очите на кандидатите, сметаат дека тие треба европеизирани да отвораат поглавја, кластери или да бидат веќе со европски капацитет кога ќе влезат внатре, истакна претседателката Сиљановскa Давкова во интервјуто за МИА.

Поврзани содржини