„НИКОГАШ НЕ СМЕ БИЛЕ ПОБЛИСКУ, НЕ ШПЕКУЛИРАЈТЕ“ Aрагчи потврди дека се финализира договорот Иран-САД

Претседателот на САД и шефот на дипломатијата на Иран испратија неочекувано усогласени пораки, додека Пакистан објави дека веќе постои конечен текст на мировниот договор меѓу Вашингтон и Техеран. Пораките доаѓаат по претходните написи за можно потпишување договор во Женева и нацрт од 14 точки кој го објави иранската агенција „Мехр“.

14

„Никогаш не сме биле поблиску до договор“.

Со оваа порака иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ги засили очекувањата дека по неколку месеци тензии, војна и дипломатски судири, САД и Иран влегуваат во завршната фаза од преговорите.

„Додека договорот не биде финализиран, медиумите треба да се воздржат од шпекулации за неговата содржина“, напиша Арагчи на платформата Икс.

Изјавата доаѓа само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Техеран дека пласира неточни информации за содржината на идниот договор и порача дека „Иран лаже“ за нацрт со 14 точки во кој се спомнува отштета од 300 милијарди долари.

Тој додаде дека јавноста ќе биде информирана навреме и дека сите детали ќе бидат објавени кога процесот официјално ќе заврши.

Интересно е што Трамп на својата мрежа Truth Social ја сподели токму пораката на Арагчи во која се наведува дека договорот „никогаш не бил поблизок“.

Првите информации дека договорот би можел да биде потпишан во Женева во текот на викендот ги објави Ројтерс, повикувајќи се на западен дипломатски извор. Но само неколку часа подоцна иранските државни медиуми, меѓу кои агенциите Фарс, ИРАН и Мехр ги отфрлија таквите најави и порачаа дека конечна одлука сè уште не е донесена.

Подоцна дојде објавата на Арагчи и на Трамп.

Пакистан зборува за конечен текст

Во меѓувреме, пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф објави дека е постигнат конечен текст на мировниот договор меѓу САД и Иран.

„Пакистан сега тесно соработува со двете страни за да ги финализира следните чекори“, напиша Шариф.

Тој порача дека мирот никогаш не бил поблиску отколку сега.

Нема пари однапред за Иран

Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, истакна дека Иран нема автоматски да добие финансиски бенефиции само затоа што ќе стави потпис на договорот.

„Доколку Исламската Република Иран ги исполни своите обврски, економските придобивки ќе ги почувствуваат тие и целиот регион“, напиша Венс.

Според него, договорот има потенцијал да донесе долгорочна стабилност на Блискиот Исток.

„Нема  да развиваме нуклеарно оружје“

Додека траат разговорите за можен договор меѓу Техеран и Вашингтон, началникот на Генералштабот на иранската армија, адмиралот Хабиболах Сајари, повтори дека Иран нема намера да развива нуклеарно оружје. Истовремено, тој порача дека иранските сили целосно го контролираат Ормускиот Теснец, еден од најважните поморски коридори во светот.

Тој нагласи дека иранската војска е во состојба на висока готовност и подготвена за реакција доколку биде потребно.

– Нашата рака е на чкрапалото и не се плашиме за нашите животи – порача Сајари.






Поврзани содржини