Нема погрешни интерпретации на Вториот протокол, претседателке Сиљановска Давкова, сè е јасно како бел ден!

Ако нашите предци во 1944 година чекаа некој да им даде гаранции за да ја создадат македонската држава во рамките на југословенската федерација и ако нашата генерација во 1991 година чекаше гаранции за да ја осамостоиме Македонија, денес навистина немаше да имаме никаков проблем – немаше да имаме држава.

2,322

Во рамките на подготовките за денешната средба со бугарската претседателка Илијана Јотова, шефицата на македонската држава Гордана Сиљановска Давкова имаше важно интервју со новинарот Васко Попетревски во емисијата „360 степени“, емитувана на јавниот радиодифузен сервис МРТВ. Велам, беше тоа важно интервју, затоа што во дел од медиумите на бугарската пропаганда во Македонија некои ставови на Силјановска Давкова уште синоќа беа протолкувани како нејзино „омекнување“ пред денешната средба со Јотова во Софија.

Со неколку прашања Попетрески се потруди да ја лансира тезата дека спорниот Втор протокол можеби е предмет на погрешно толкување во македонската јавност. Во клучната одредба за работата на Историската комисија до членството на Македонија во Европската унија, според Попетревски, „нема вординг на наметнување, на условување, туку има вординг на охрабрување“. „Двете влади ја охрабруваат Комисијата да ја заврши својата работа, но не налагаат“, вели Попетревски и поентира: „Претседателке, ако Комисијата треба да работи, а не мора да испорача резултати, тогаш каде е проблемот?“






Претседателката Сиљановска Давкова солидно го разбира значењето на Вториот протокол и во историска смисла и во актуелниот политички контекст. Сепак, неподносливата леснотија со која таа се согласува дека „е можно“ Вториот протокол погрешно да е „интерпретиран“ во Македонија е оној момент што ги подгрева надежите на бугарската пропаганда дека претседателката на Македонија патува во Софија „вооружена“ со сомнителна доза на спремност да направи пресврт.

Дали тоа ќе се случи, ќе покаже денешниот ден, среда, 10 јуни. Како и премиерот Христијан Мицкоски, би рекол и јас дека не очекувам чуда.

Но, сепак, ќе се обидам да ја охрабрам почитуваната Сиљановска Давкова, на пат кон Софија, кога ќе биде сама со своите мисли, дефинитивно да си ги затвори сите дилеми и да не се измачува веќе со прашањето дали можеби навистина ние во Македонија погрешно сме го разбрале тој фамозен втор записник, тој документ на кој политичка тежина му дава потписот на поранешниот министер Бујар Османи, тој протокол кој не е ратификуван и правно оснажен од страна на македонскиот парламент, па според тоа е и правно ништовен.

Вториот протокол е објавен. Секој може да го прочита. Не е тоа некој комплициран документ што е тешко да се разбере. Тој содржи многу прецизни обврски за македонската страна, од кои дел не се содржани во Договорот за добрососедство склучен меѓу Македонија и Бугарија во 2017 година. Во Вториот протокол, меѓу другото, го пишува и следново:

„Двете држави ја поддржуваат и ја охрабруваат Комисијата да ја заврши работата за сите периоди од заедничката историја, кои ги поврзува двете држави и нивните народи, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, со цел целосно имплементирање на тие нејзини препораки во образовните програми до членството на Северна Македонија во ЕУ“.

Не може да биде појасно од ова!

Значи, не е точно дека во Вториот протокол се зборува само за „охрабрување“ на Историската комисија, како што тврди Попетревски. Тој содржи и експлицитна, бланко поддршка таа комисија да ја заврши својата работа „за сите периоди од заедничката историја“, пред членството на нашата земја во ЕУ.

Освен тоа, не е точно тврдењето на колегата Попетревски дека „Комисијата треба да работи, а не мора да испорача резултати“. Напротив! Од Комисијата се очекуваат многу конкретни резултати, со далекусежни последици – имено, се бара целосно имплементирање на нејзините препораки во образовните програми до членството на нашата земја во ЕУ.

Според тоа, не може да стане збор за „погрешни интерпретации“ на овој документ!

Сигурен сум дека претседателката Гордана Сиљановска Давкова многу добро знае дека и терминот „заедничка историја“ произлегува од доктринарните ставови на официјалната бугарска историографија, кои не се променети од периодот на Тодор Живков до денес. Тоа е доктрина на негирање на македонскиот национален идентитет и на посебноста на македонскои народ, на македонскиот јазик и на македонското културно и духовно наследство пред 1944 година. Точна и правилна интерпретација на цитираната одредба од Вториот протокол (и на неговата целина, всушност) е очекувањето на Софија ние, Македонците, да се согласиме со тоа дека имаме „заедничка историја“ со Бугарите. А вистинското значење на таа согласност ни ја објасни потписникот на Договорот за добрососедство, Зоран Заев, кој јавно кажа дека ние и Бугарите сме с’шт народ, на македонски јазик – ист народ. Тоа е доктрината „еден народ поделен во две држави“. Или, да биде уште појасно, од нас Македонците се очекува да прифатиме дека по потекло сме Бугари, кои во средината на 20 век, по силата на историските околности, сме произведени во Македонци.

Искрено се надевам дека Гордана Сиљановска Давкова, со сета нејзина беневоленција и ентузијазам, ќе собере државничка храброст на колешката Јотова отворено и искрено да ѝ соопшти: Сажаљавам, ск’па Илијана, но товá њама да стане!

Освен моето очекување, на тоа ја обврзува и Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, документ усвоен во јули 2021 година од страна на Собранието на Македонија, на предлог на ВМРО-ДПМНЕ и со мнозинство од 95 гласови (ако не се лажам, тука се вбројува и гласот на Сиљановска Давкова, тогаш пратеничка). Во точките 2 и 3 од оваа Резолуција, се вели:

„2. Да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет;

3. Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто:

– македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет,

– македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на одреден географски и историски простор,

– споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам.“

И од ова појасно не може да биде!

Помладите колеги, како драгиот Васко Попетревски, ги упатувам повнимателно и потемелно да читаат (за да не мора јавно да споделуваат „интерпретации“ и „впечатоци“ за нешта кои се јасно напишани и потпишани), а почитуваната претседателка Сиљановска Давкова ја испраќам во Софија со желба за плодна средба со колешката Илијана Јотова.

Силно го поддржувам ставот на нашата претседателка дека во политиката нема нерешлив проблем, но сакам да предупредам дека проблемите сепак не се решаваат со нови „интерпретации“ на она што еднаш веќе е јасно кажано, запишано и потпишано.

Да не заборавиме дека клучниот проблем на Вториот протокол не е толку во неговата содржина, колку фактот што тој е инкорпориран во Преговарачката рамка на Европската унија, каде што обврските што произлегуваат од член 12 на Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, или попрецизно, годишните прегледи и мерките за ефективна имплементација, односно протоколите (записниците), се поставени практично на исто рамниште со Копенхашките критериуми и со другите клучни услови за пристапување.

Уште еднаш ќе повторам: да, се согласувам, во политиката и во дипломатијата нема нерешливи проблеми, но решенијата на проблемите, во нашиот случај, сепак се кријат во нашата спремност самите да го сториме она што го бараме од другите.

Ако нашите предци во 1944 година чекаа некој да им даде гаранции за да ја создадат македонската држава во рамките на југословенската федерација и ако нашата генерација во 1991 година чекаше гаранции за да ја осамостоиме Македонија, денес навистина немаше да имаме никаков проблем – немаше да имаме држава.

Поврзани содржини