СЕЌАВАЊЕТО НА БАЛЕТСКАТА ПРЕТСТАВА „КЛЕОПАТРА“ МОРА ДА СЕ УНИШТИ?! Чудни нешта се случуваат во Национална опера и балет

Зад гламурозниот проект на балетот „Клеопатра“ останаа сеќавања, критики, фотографии, но и богата сценографија. Вработени во НОБ се жалат дека директорот ги тера да ја подготват сценографијата за уништување. Нема ли начин таа попаметно да се искористи?

436

Во ноември 2016 година, Скопје и тогашната Македонска опера и балет се впишаа на мапата на светските метрополи и театри кои може да продуцираат спектакли што оставаат трага и што претставуваат репер за уметничките достигнувања во регионот и пошироко.

Гламурозниот проект на балетот „Клеопатра“ беше креиран специјално за МОБ, од меѓународен тим на автори од пет земји.






Премиерата беше грандиозно, разнобојно шоу, кое излезе од рамките на обичниот класичен балет, со кинематографски ефекти, фантастично светло и звук и со користење нови технологии.

Авторскиот тим кој се потпиша зад претставата беше предводен од познатата композиторка од Литванија Нериа Голдберг која ја напиша музиката, а писателката од Турција Јана Темиз создаде ново либрето. Со спектаклот диригираше Александар Анисимов од Белорусија, маестро со светско реноме, а кореографијата ја постави петербуршкиот балет мајстор со светско име Василиј Медведев, познат по своите поставки во Бољшој театар и на многу други сцени во светот.

Сценографијата во спектаклот ја изработи познатиот словачки уметник Павел Јураш, кој изготви околу четиристотини рачно изработени костими и четиринаесет роскошни променливи декорации.


Огромни заслуги за спектаклот имаа и домашните уметници ангажирани оркестарот, хорот, балетски групи, мимичари и циркуски уметници и фолклорни групи. Примабалерината Александра Мијалкова со оваа претстава прослави 25 години уметничка дејност.

Грандиозната продукција го истурка својот уметнички живот и на меѓународните сцени. Останаа да живеат импресиите на гледачите и балетската критика, а во просториите на Националната опера и балет, како паметник на овој амбициозен проект, останаа и фотографиите и скапата сценографија.

И сега, десет години подоцна, наместо актуелното раководство на оваа институција да се насочи кон нови и поамбициозни проекти кои би го надминале овој спектакл, според информациите кои стигнаа до Плусинфо, актуелниот директор се фокусирал на уништување на сеќавањето на „Клеопатра“.

Вработени во Националната опера и балет не информираа дека сценографијата на „Клеопатра“ веќе почнува да се растура и по барање на директорот – да се сече, да се уништува и да се подготви за фрлање.

Иако дел од вработените му укажале на директорот Оливер Алексовски дека сценографијата е уметничко ремек дело кое може да се употребува и во други продукции, или самостојно да краси одредени простори, тој наводно инсистирал дека установата мора да се ослободи од неа.

Според дописот кој го добивме, вработени во оваа институција од директорот побарале и писмен налог за уништување на сценографијата, но не добиле ништо црно на бело.

Засега немаме информација дали за овој чекор на директорот Алексовски е информиран министерот за култура Зоран Љутков и дали ја одобрил оваа негова намера, која може да предизвика значителна материјална и нематеријална штета на институцијата, што повлекува и кривична одговорност.

Упатените велат дека се уште има време оваа акција да се запре, за да не се предизвикаат непотребни штети.

Поврзани содржини