МАКЕДОНИЈА СЛАВИ 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ Кулминација на свеченостите и на прославата
Концертот на светски познатиот диџеј и продуцент на хаус-музика Давид Гета што ќе се одржи вечерва во Скопје е финале на сите настани во рамки на манфестацијата „35 години незавосност на Македонија“, исполента со повеќе активности и културни манифестации, меѓу кои и сценскиот спектакл „Силно светнал ден“.
На 8 септември 1991 година граѓаните на Македонија на историскиот референдум со убедливо „за“ ја потврдија волјата за суверена и независна држава. Референдумското изјаснување претставуваше пресвртница со која започна процесот на создавање независна македонска држава и воспоставување сопствени институции, дипломатска мрежа, безбедносен систем и економски политики.
Три и пол децении подоцна, 35 години независност сведочат за долг и турбулентен пат исполнет со политички пресврти, безбедносни предизвици, тешки компромиси и борба за меѓународна афирмација. Од мирното осамостојување и членството во Обединетите нации, преку конфликтот во 2001 година и Преспанскиот договор, до членството во НАТО, историјата на независната држава е приказна за градење институции, зачувување на стабилноста и остварување на стратешките цели.
Повеќе активности се предвидени денеска за одбележување на 35-годишнината од осамостојувањето.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и повеќе делегации ќе положат цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното почивалиште на претседателот Борис Трајковски и на вечното почивалиште на првиот претседател на Владата, Никола Кљусев.
Во 11 часот во Вила Водно ќе се одржи церемонија на доделување Орден „8 Септември“, на која претседателката Сиљановска Давкова ќе им додели ордени на Јордан Плевнеш и Раде Сиљан и постхумно на Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски.
Премиерот Христијан Мицкоски по повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста ќе биде домаќин и ќе има свое обраќање на свеченоста под мотото „Силно светнал ден!“. Свеченоста ќе се одржи на платото пред Владата со почеток во 14 часот.
Националниот археолошки музеј – Скопје организира свечен музејски настан „35 години – 35 предмети – 35 приказни“ по повод 35 години независност.
Концертот на светски познатиот диџеј и продуцент на хаус-музика Давид Гета што ќе се одржи вечерва во Скопје е финале на сите настани во рамки на манфестацијата „35 години незавосност на Македонија“, исполента со повеќе активности и културни манифестации.
Концертот на Давид Гета ќе се одржи на Националната арена „Тоше Проески“ во Скопје.
Во рамки на прославата за 35 години независност на Македонија, на 1 септември во Скопје концерт одржа и светски познатиот тенор Хосе Карерас заедно со македонски музички ѕвезди и со Македонската филхармонија, а на 4 септември се одржа мултимедијалниот сценски спектакл „Силно светнал ден“, кој го заокружи своето патување во државата со настап на повеќе од 120 артисти. Карванот „Силно светнал ден“ почна од Охрид на 9 август и посети 12 града во земјата. Во неговата реализација учествуваа познати македонски музички изведувачи и актери.