ЗАЕДНИЧКИ УДАР ПРОТИВ КРИМИНАЛОТ И ТЕРОРИЗМОТ Тошковски со јасна порака од Атина
Министерот за внатрешни работи од Атина порача дека криминалот и тероризмот бараат заеднички и координиран одговор
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, придружуван од директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, од Атина испрати порака за засилена регионална соработка и заедничка борба против криминалот и тероризмот.
Тошковски учествуваше на министерскиот состанок на Акаба процес, посветен на справување со организираниот криминал и тероризмот на Балканот, каде говореше за новите безбедносни предизвици со кои се соочува регионот.
Во своето обраќање, тој нагласи дека денешната безбедносна реалност е значително променета и дека криминалот и тероризмот сè почесто се поврзуваат.
– Денес веќе не можеме да ги третираме криминалот и тероризмот како одвоени појави. Тие се дел од ист механизам кој се потпира на заеднички канали, финансии и логистика и бара координиран, заеднички одговор од сите нас – истакна Тошковски.
Според него, ваквите закани се транснационални и бараат засилена регионална и меѓународна соработка, размена на информации и подобра координација меѓу безбедносните служби.
Министерот се осврна и на конкретните ризици – злоупотреба на транспортните коридори, неформални економски текови, корупција, како и користење нови технологии од страна на криминалните и екстремистичките мрежи.
Во рамки на посетата, Тошковски оствари билатерална средба со министерот за заштита на граѓаните на Грција, Михалис Крисохоидис, на која беа потврдени добрите односи меѓу двете земји и подготвеноста за нивно продлабочување.
Фокусот бил ставен на зајакнување на соработката во борбата против организираниот криминал, трговијата со дрога и нелегалната миграција, како и подобрување на размената на информации и оперативната координација.
Двајцата министри разговарале и за предизвиците поврзани со новиот систем за влез/излез на ЕУ, со акцент на намалување на чекањата на граничните премини пред почетокот на туристичката сезона.
На средбата било отворено и прашањето за усогласување на билатералниот договор за соработка во борбата против криминалот, како и протоколот за реадмисија, кој треба да ги олесни процедурите за враќање на лица кои нелегално престојуваат.
Дополнително, биле разменети информации за состојбата со нелегалната миграција, при што било нагласено дека е потребен координиран пристап на регионално ниво.
– Само преку заеднички, координирани и одржливи активности можеме да обезбедиме поголема сигурност за граѓаните – потенцираше Тошковски.
На покана на македонскиот министер, Крисохоидис во наредниот период ќе ја посети земјава, со цел дополнително зајакнување на соработката.