РУСКИТЕ БРОДОВИ БЕСПЛАТНО ЌЕ ПЛОВАТ НИЗ ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ Иран ќе ги ослободи од транзитна такса

Иран вчера соопшти дека ги добил првите приходи од транзитните такси во Ормуска Теснина, кои се наплаќаат во јуани или во криптовалути.

76

Амбасадорот на Иран во Москва Казем Џалали за руската новинска агенција „РИА Новости“ изјави дека Техеран подготвува ослободување од транзитните такси за „пријателските земји“ за минување низ Ормуската Теснина.

– Не знам што ќе се случи во иднина, но нашето Министерство за надворешни работи во моментот се обидува да ги примени овие ослободувања за пријателски земји, како што е Русија – посочи Џалали.

Иран вчера соопшти дека ги добил првите приходи од транзитните такси во Ормуска Теснина, кои се депонирани на сметка на Централната банка.

„Волстрит џурнал“ на 8 април објави дека Техеран се стреми дополнително да ја консолидира својата контрола врз најважната светска рута за превоз на нафта, наредувајќи им на бродовите однапред да договорат такси со Корпусот на иранската револуционерна гарда и да ги плаќаат во криптовалути или кинески јуани.

Полуофицијалната Иранска новинска агенција (ИСНА) на 19 март објави дека Иран разгледува закон со кој ќе се бара од земјите да плаќаат такси за бродовите што минуваат низ стратешкиот поморски коридор.

Превозот низ Ормуската Теснина е сериозно нарушен откако почна американско-израелската војна против Иран на 28 февруари, предизвикувајќи потреси на глобалните енергетски пазари и зголемувајќи стравувања од долгорочна економска штета. Американскиот претседател Доналд Трамп пред три дена продолжи примирјето со Иран.

Поврзани содржини