„AIRBNB“ ВОВЕДУВА НОВИ ПРАВИЛА Домаќините не смеат да бараат гостите да ги чистат изнајмените објекти
Новите правила ќе важат за сите резервации направени на или по 20 ноември.
Глобална интернет платформа за резервација на краткорочно и долгорочно сместување Airbnb ги промени своите правила и ги ограничи домаќините да бараат од гостите да ги чистат изнајмените објекти.
Според новите упатства, од гостите кои плаќаат надомест за чистење не треба да се бара да извршуваат задачи како што се отстранување на постелнина или миење садови. Новите правила ќе важат за сите резервации направени на или по 20 ноември.
Според новите правила, домаќините можат да постават 7 стандардни правила за куќата (на пр. за тишина, миленичиња, пушење, паркинг), со можност за додавање други „разумни“ барања.
-Правилата за куќата им помагаат на гостите да ги разберат очекувањата на домаќините, но добивме повратни информации од нашата заедница дека тие можат да бидат збунувачки и тешки за следење. Затоа ги редизајниравме за да бидат повидливи и полесни за поставување. Исто така, воведовме нова политика која гарантира дека барањата ќе бидат разумни и без изненадувања – велат од Airbnb.
На веб-страницата на Airbnb е наведено дека домаќините генерално не смеат да бараат од гостите задачи што „бараат значителен напор или време или што нормално би ги извршил чистач“. Ова вклучува отстранување на постелнината, изнесување ѓубре надвор од имотот и миење и чистење садови.
Компанијата изјави дека исклучоци се можни во посебни околности. На пример, од гостите може да се побара да го скратат времето за туширање ако се во сила локални ограничувања за вода. Куќните правила ќе бидат појасно истакнати во иднина и ќе се појавуваат во потсетниците за резервација, а посебни договори ќе бидат дозволени само во ретки случаи, како на пример кога е потребно со закон.
Иако домаќините не можат да казнуваат, тие ќе ја задржат контролата врз нивните куќни правила. Доколку системот процени дека барањето на домаќинот не е во согласност со новата политика, ќе го означи, а сопственикот ќе може да поднесе жалба на одлуката.
Со години, гостите се жалеа на неразумните барања што треба да ги извршат пред да заминат, особено затоа што веќе плаќаат надоместоци за чистење.
Промените дојдоа по неодамна виралните видеа од TikTok во кои домаќините Кеси и Џон детално го разгледуваат нивниот сместувачки капацитет во американската држава Џорџија. Во едно видео, тие ги обвинија гостите дека не ги почитуваат правилата затоа што го оставиле далечинскиот управувач на погрешно место.
Двојката беше критикувана поради нивните строги правила, а тие одговорија дека нивната содржина била погрешно протолкувана. Нивните видеа ги инспирираа другите креатори да прават пародии на строгите водители.