ИСЧЕЗНАА 15 ТОНИ ГУМЕНИ БОМБОНИ Несекојдневна кражба во Германија
Контејнер со гумени бомбони вреден 250.000 евра исчезна од паркиран камион, а полицијата истражува како кражбата поминала незабележано.
Невообичаена кражба се случи во Германија, откако цел контејнер со дури 15 тони гумени бомбони бил украден од камион паркиран на автопат.
Според информациите од полицијата, камионот бил оставен на бензинска пумпа во близина на градот Нојштат-Глеве во утринските часови. Возачот го паркирал возилото околу 7:45 часот, но кога се вратил еден час подоцна – контејнерот веќе го немало.
Заедно со него исчезнала и целата пратка гумени бомбони со овошје, чија вредност се проценува на околу 250.000 евра.
Она што ја прави кражбата уште помистериозна е фактот што засега не е познато како сторителите успеале да го отстранат контејнерот сред бел ден, без да бидат забележани.
Полицијата веќе започна истрага и трага по сторителите, додека случајот предизвика големо внимание во јавноста поради необичната „слатка“ мета.