ОД ЗАПУШТЕНА ПОВРШИНА ДО УРЕДЕН ПРОСТОР Битола го средува делот зад СВР

Со инвестиција од 2,3 милиони денари, започна уредувањето на просторот зад СВР Битола, а најавени се и нови зафати на повеќе локации низ градот.

276

Запуштениот простор зад зградата на СВР Битола конечно се уредува, откако започнаа градежни активности за негово партерно уредување, информираат од Општина Битола.

Станува збор за парцела која со години била неорганизирана земјена површина, а со новиот проект ќе добие целосно уреден и функционален изглед. Работите опфаќаат поставување бехатон плочки на површина од околу 800 квадратни метри, со што просторот ќе стане попристапен и погоден за користење.






Покрај уредувањето на површината, се решава и проблемот со одведување на атмосферските води. Преку поставување на собирни решетки, дождовницата ќе се насочува и одведува, со што ќе се избегнат досегашните задржувања на вода.

Од Општината велат дека ова е дел од поширок план за средување на запоставени локации во градот.

„Со ваквите зафати ја подобруваме урбаната слика на градот и создаваме пофункционални јавни простори за граѓаните. Ќе продолжиме со уредување на сите локации кои со години биле запоставени“, велат од Општина Битола.

Вредноста на проектот изнесува околу 2,3 милиони денари, а изведувач на работите е ЈП „Нискоградба“.

Од локалната самоуправа најавуваат дека во наредниот период ќе се уредуваат и други простори низ градот, особено на локации каде што претходно биле отстранети диво поставени гаражи. Меѓу нив се посочуваат делови кај Овчи Пазар, Ат Пазар, кај местото викано Хеликоптерот, како и во близина на Дрвен Пазар.

Поврзани содржини