НА БЛИСКИОТ ИСТОК МУ СЕ СТЕМНИ, НА РУСИЈА Ѝ СЕ РАЗДЕНИ Што сѐ ѝ оди во полза на Москва од војната во Заливот
Меѓу главните придобивки за Москва се порастот на цената на горивата, олабавувањето на санкциите врз Русија, намалувањето на интересот на светот за војната во Украина, како и воената помош за Киев.
Од војната во Персискиот Залив, каде САД и Израел вршат напади врз Иран, а Иран возвраќа со контраудари врз американските бази и врз соседните земји, Русија има серија политички, економски и воени придобивки, наведуваат политички аналитичари.
Меѓу главните придобивки за Москва се порастот на цената на горивата, олабавувањето на санкциите врз Русија, намалувањето на интересот на светот за војната во Украина, како и воената помош за Киев.
На политички план, нападот врз Иран, со својата аналогија на руската инвазија на Украина, ги релативизира и ги ослабнува критиките кон Москва. Згора на тоа, со своите апели и посредничка улога, рускиот претседател може да се најде во посредничка и конструктивна улога за изнаоѓање решение за Блискиот Исток.
Руски осуди за кршење на меѓународното право
По убиството на Али Хамнеи, Владимир Путин, изрази сочувство. Неговиот политички апарат ги осуди американско-израелските напади врз Иран, наведувајќи дека тие би можеле да го дестабилизираат целиот регион и дека претставуваат кршење на меѓународното право.
Тоа звучи цинично со оглед на тоа што Русија ѝ го прави на Украина веќе со години. Тоа го потврди и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кратко по почетокот на нападите врз иранскиот режим.
– Мораме да го намалиме влијанието на овие глобални превирања врз нашата економија. Мораме да обезбедиме профит за нас каде што е можно, иако тоа може да звучи цинично – рече Песков на еден од своите медиумски брифинзи.
Привремено ублажување на санкциите
Тие изјави се совпаднаа со вестите дека американската влада разгледува ублажување на санкциите за руската нафта. САД навистина привремено, во период од 30 дена, дозволат продажба на руска нафта што веќе се наоѓа на море.
Јасно е и дека цената на нафтата од почетокот на војната порасна за околу 30 проценти, што ја радува Русија како производител на нафта.
На почетокот на неделата Путин одржа состанок за состојбата на меѓународните енергетски пазари. Тој се претвори во пропагандна промоција на руските енергетски ресурси. Путин нагласи дека земји како Кина и Индија, кои и покрај санкциите купуваат руска нафта и гас, и натаму можат да се потпрат на Русија.
Путин се претставува како спасител
На Европејците им порача дека Русија е подготвена да соработува со нив во областа на нафтата и гасот. Но додаде дека „треба да добиеме сигнали дека и тие се подготвени да соработуваат со нас“. Така се претставува како наводен спасител во тешки времиња.
Путин бара руските производители да ги искористат дополнителните приходи од секторот на нафта и гас за да ја намалат задолженоста и другите обврски кон банките.
Путин се обидува да ја смири јавноста и да ја прикаже Русија во добро светло – и пред светот и пред сопственото население, кое сè повеќе трпи поради војната против Украина и нејзините трошоци.
Дополнителни придобивки за Путин
Покрај финансиските користи, Путин може да извлече и политички предности од војната против режимот во Техеран: мировните преговори меѓу Русија, Украина и САД треба да бидат обновени, можеби веќе следната недела. Но засега се суспендирани – што му оди во прилог на Путин, бидејќи тој сака да игра на картата на времето.
Му одговара и тоа што меѓународното право повторно падна во втор план поради војната со Иран. Од тоа корист имаат оние што се залагаат за правото на посилниот. Путин би можел тоа да го протолкува во своја полза кога ќе му затреба.
Помалку американско оружје за Киев?
Во зависност од должината на војната, САД би можеле да употребат и оружје што инаку би било испратено во Украина — на пример ракети за противвоздушните системи „Патриот“. Тоа значи дека тие можеби нема да стигнат во Киев.
Патем, извесно време Иран важеше за главен руски снабдувач со оружје. По инвазијата врз Украина, Кремљ наводно почнал да купува ирански дронови „Шахед“, иако тоа никогаш не беше официјално потврдено од ниту една страна. Во меѓувреме има тврдења дека Русија сама произведува дронови по примерот на „Шахед“ и дури ги усовршила.
Русија и Иран во јануари 2025 година потпишаа договор за партнерство. Тој не содржи обврска за воена помош, но опфаќа соработка во многу други области: економија, наука и енергетика.
Официјално, Русија повикува на брз крај на конфликтот, но со оглед на неговите поволни ефекти врз руската економија и политика, подолга војна уште повеќе ѝ оди во прилог.