АСИСТИРАНОТО САМОУБИСТВО НА СЕСТРИТЕ КЕСЛЕР ПРЕДИЗВИКА ДЕБАТА Германија ќе го преиспитува правото на смрт

Смртта со асистирано самоубиство на славните германски близначки ја наведе Германија да ги преиспита законите што го регулираат правото на смрт

301

Заедничкото асистирано самоубиство на славното пејачко и танцувачко германско дуо, сестрите Елен и Алис Кеслер повторно разгоре жестока етичка и правна дебата во Германија за тоа како земјата треба да го регулира правото на смрт, пишува „Еурактив“.

Познати како близначките Кеслер, Елен и Алис Кеслер, долго време славени како гламурозно забавно дуо, одлучија да го завршат својот заеднички живот на 89-годишна возраст преку асистирано умирање. Во проштално писмо напишано два дена претходно, тие ја објаснија својата одлука и својата благодарност што постои асистирано умирање.






– Тоа сигурно многу нè поштеди – напишале тие.

Сестрите Алис и Елен заедно со германското здружение за хумано умирање, го закажале датумот на својата смрт за 17 ноември. На чинот присуствувале адвокат и лекар, а здружението подоцна потврдило дека смртта на близначките е извршена како заедничко асистирано самоубиство.

Во писмото навеле дека стравувале од живот во кој веќе нема да можат да ги контролираат телото и умот, бидејќи здравјето им било сериозно нарушено. Нивната пријателка Каролин Рајбе објаснила дека двете сестри имале тешки срцеви проблеми, целосно го изгубиле чувството за вкус и мирис, а Елен претрпела и инфаркт на мозочното стебло, тежок вид мозочен удар.

Повик за законски измени

По нивната смрт, прашањето за асистираното умирање повторно стана тема број еден во германската јавност. Поранешниот министер за здравство Карл Лаутербах, кој себе си се опишува како „јасен поддржувач“ на оваа практика, повика на воспоставување строги и прецизни законски правила.

– Сегашната ситуација дозволува форми на асистирано самоубиство што се етички неприфатливи – изјавил тој за германски медиум.

Лаутербах предупредил дека без јасни прописи не може да се гарантира дека лицата кои го прават овој избор се психички стабилни и способни за рационална одлука.

– Мора да се обезбеди вистинска автономија и целосно отсуство на финансиски интереси-  нагласил тој.

Во 2020 година, Сојузниот уставен суд ја укина забраната за асистирани самоубиства и воспостави јасни услови: лицата мора да бидат полнолетни, деловно способни, да дејствуваат самостојно и сами и притоа никој друг не смее да го изврши смртоносниот акт наместо нив, бидејќи тоа би претставувало забранета активна еутаназија.

Според новинската агенција дпа, група пратеници од различни партии работи на нов предлог-закон со цел да се воспостават „ефикасни заштитни механизми“. Но, не е јасно кога ќе биде подготвен нацртот.

Претседателот на германското здружение за хумано умирање, Роберт Росбрух, се спротивставил на идејата за дополнителни ограничувања.

– Не гледаме никаква потреба за нова регулатива. Нема правен вакуум – рекол тој, нагласувајќи дека судот веќе ја разјаснил правната рамка. Според него, ваквите одлуки речиси секогаш се добро промислени и конзистентни, а не импулсивни.

„Подобра“ солуција?

Новинарот Кај Вајзе, во колумна за германски таблоид, оцени дека самоубиството не треба да се смета за нормална или пожелна опција.

– Тоа не е модел што треба да се следи. Ова го велам како верник – напишал тој.

Вајзе предупредил дека самоубиството сѐ почесто се претставува како „подобро“ решение во споредба со живот што се смета за безвреден.

– Почнуваме да го организираме самоуништувањето сѐ поефикасно, да го правиме наводно подостоинствено и правно заштитено – пишува тој.

Според редакцискиот извештај, текстот бил прочитан од стотици илјади луѓе и предизвикал бурни реакции – од „Ги кажавте моите зборови“ до „Чекајте да наполните 89 години, па зборувајте“.

Поврзани содржини