ИМ ГО ГРЕБНАЛ РЕТРОВИЗОРОТ, ГО ЧЕКАЛЕ ВО ГРМУШКА СО ПИШТОЛИ!? Двајца браќа ќе одговараат за обид за убиство во Шишево
Еден од осомничените го фатил другиот возач за врат и му се заканувал, но сведоци успеале да ја смират ситуацијата. Сепак, конфликтот не завршил таму.
Јавното обвинителство отвори истрага против двајца браќа од Скопје, на возраст од 43 и 44 години, осомничени дека се обиделе да убијат едно лице кај селото Шишево, при што во опасност биле доведени и уште две лица.
Според истрагата, инцидентот се случил на 6 јуни во близина на авто-плац во Шишево, а неговата позадина била расправија што започнала по мал сообраќаен инцидент. При разминување на патот, возилата на братот на оштетениот и на едниот од осомничените се допреле со ретровизорите, по што следувала вербална пресметка.
Обвинителството тврди дека еден од осомничените го фатил другиот возач за врат и му се заканувал, но сведоци успеале да ја смират ситуацијата. Сепак, конфликтот не завршил таму.
Откако нападнатиот ја зел сопругата од работа, го повикал својот брат за да провери дали патот е безбеден за враќање. Но, во близина на местото каде што претходно избувнала расправијата, двајцата осомничени, според обвинителството, ги чекале скриени во грмушки и вооружени со пиштоли.
Во моментот кога возилото поминувало покрај нив, едниот од браќата испукал два куршума. Еден од проектилите го погодил братот на претходно нападнатиот маж во главата, нанесувајќи му тангенцијална повреда. Со пукањето биле загрозени и уште две лица кои се наоѓале во близина.
Јавниот обвинител за двајцата осомничени побарал притвор. Тие се товарат врз основа на сомнение дека се соизвршители на кривично дело – Убиство според член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19 (во обид).
Во предлогот до судот се наведува дека постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик осомничените да го повторат или довршат делото за кое се гонат.