МАКЕДОНИЈА НАСКОРО СО СВОЈА ЛИСТА НА РЕТКИ МИНЕРАЛИ Америка го потврди бакарот како критична суровина
И Македонија е на пат да креира сопствена Листа на критични минерални суровини, но и Листа на стратешки минерални суровини. Ова е предвидено во новиот нацрт текст на Законот за рударство. Исто како и во САД и македонските власти на секои три години ќе треба да ја разгледуваат листата за можно ажурирање.
Геолошкиот институт на САД официјално ги додаде бакарот и среброто на листата на критични минерали, со што практично ја прошири листата на метали кои се витални за американската економија и за националната безбедност. Листата на критични минерали на САД не беше ревидирана од 2022 година, а сега на неа се најдоа уште десет минерални суровини. Од Институтот (USGS) информираа дека листата е ревидирана врз основа на економски модел кој ги проценува потенцијалните ефекти од пречките во надворешната трговија со минерални суровини. Ваквата мерка на администрацијата на Доналд Трамп беше поздравена од индустријата.
– Цврсто ја поддржуваме одлуката на Геолошкиот институт да го додаде бакарот на Листата на критични минерални суровини. Во бакарот е клучот за постигнување на главните политички цели на САД, вклучувајќи ја енергетската доминација, лидерството во вештачката интелигенција, националната безбедност и реиндустријализацијата – оцени Адам Естел, претседател на Американската асоцијација за развој на бакарот.
Листата на критични минерали служи како основа на администрацијата на Трамп за тоа кои стоки би можеле да подлежат на потенцијални даноци и трговски ограничувања, како што беше случај со бакарот претходно оваа година во спорот со Кина. Листата, исто така, е основа за инвестиции во рударството, за залихи на металите, за даночни олеснувања за преработка на минерали во САД, како и за поедноставено издавање на дозволи за нови рудници. Ажурирањето на листата доаѓа само неколку дена откако САД и Кина се согласија да го решат проблемот за трговија за 15 ретки минерали.
– Бакарот стана главен индустриски метал, рангирајќи се на трето место по железото и алуминиумот во однос на потрошените количини. Употребата на бакарот во електриката, вклучувајќи го преносот и производството на енергија, телекомуникациите и електричните и електронските производи, учествува со околу три четвртини од вкупната употреба на бакар – соопштија од Институтот.
Инаку и Македонија е на пат да креира сопствена Листа на критични минерални суровини, но и Листа на стратешки минерални суровини. Ова е предвидено во новиот нацрт текст на Законот за рударство. Исто како и во САД и македонските власти на секои три години ќе треба да ја разгледуваат листата за можно ажурирање.
„Минералните суровини, вклучително и во необработена форма, во која било фаза на преработка и кога се јавуваат како нус производ на други процеси на експлоатација, преработка или рециклирање, наведени во Листата, се сметаат за критични суровини. Владата на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на енергетиката, рударството, и минералните суровини донесува Листа на критични минерални суровини. Владата ја разгледува и доколку е потребно, ја ажурира листата на критични минерални суровини на секои три години“, се наведува во членот 45 од предложениот текст на Законот.
Засега е неизвесно кои минерали би се нашле на Листата на критични минерални суровини кај нас и дали и Македонија ќе го вреднува бакарот на начинот на кој тоа го направи американската администрација, но и Европската Унија. Од она што е познато од нацртот на Стратегијата на минерални суровини која ја изготуваше МАНУ е дека земјава треба да го следи примерот на Брисел.
„Пристапот до метали како што се железото, бакарот, среброто и високотехнолошките метали како елементите од групата на ретки земји (REE) е предуслов за производство на модерни технологии вклучувајќи и технологии за животна средина, технологии за производство на електрична енергија од ветер, соларни ќелии, осветлување со ниска потрошувачка на енергија и каталитички конвертори во автомобили“, се истакнува во нацрт Стратегијата на експертите од МАНУ.
Во неа се додава дека Македонија поседува големо количество на бакар. Сепак, кај нас бакарна руда произведува единствено рудникот Бучим, заедно со поновиот капацитет во Боров дол. Од она што е познато од геолошките истражувања кои ги спроведе инвеститорот во Иловица е дека на локацијата се проценети 700.000 тони бакар. Освен оваа, во моментов нема нови инвестиции за експлоатација и производство на бакар, а претходно неостварени останаа вложувањата во ископи на бакар во Казандол и Кожуф.