OTВОРЕНИ ФРОНТОВИ ЗА ДЕЛНИЦИТЕ НА „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ Лани работите пораснале за 90%, годинава се очекуваат уште 70%
Вицепремиерот и министер за транспорт вели дека Владата ги „отворила фронтовите“ за работа на автопатите што ги гради „Бехтел и Енка“. Според него, активностите скокнале за 90 % во споредба со лани, а годинава очекува нов раст од 70 %. Министерството реализирало повеќе од 74% од средствата за капитални инвестиции.
Отворивме фронт за работа на автопатските делници што ги гради конзорциумот “Бехтел и Енка” за 90 % во 2025 споредено со 2024 година. За оваа година очекувам нов раст од 70 % споредбено со 2025, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во гостувањето во поткастот „Ноќно студио”, нагласувајќи дека проектот се движи со очекуваната динамика.
– Сега, со оглед на тоа дека завршните сметки се готови, можете да видите дека Бехтел има 90% раст кога ќе ги споредите 2024 со 2025 година, што значи дека она што го кажуваме во јавност, дека ние им ги отворивме фронтовите за работа и им ги овозможивме сите услови да работат, се покажува на дело, а оваа година очекувам дека ќе имаат некаде 70% раст, во споредба со минатата. Значи, проектот расте, како што треба да расте, се обидуваме да ги надминеме слабостите од минатото. Ние наследивме проект кој што имаше 0 % експропријација, нула дислокација на водови и каде што освен потпишување на договори немаше никакви активности на терен – истакна Николоски.
Тој информираше дека веќе се работи на делниците Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, додека реализацијата на автопатската делница Требеништа-Ќафасан, ќе зависи од процедурите и одлуките поврзани со УНЕСКО.
– Почнавме со активности на терен и на Прилеп-Битола и на Тетово-Гостивар и на Гостивар-Букојчани, ситуацијата на Требеништа-Ќафасан зависи од УНЕСКО, но и таму имаме решенија доколку добиеме зелено светло – посочи вицепремиерот Николоски.
Повеќе од 74% од средствата за капитални инвестиции во Министерството за транспорт се веќе реализирани уште на почетокот од годината.Подготвени сме наменски да реализираме дополнителни 40 милиони евра, секако доколку тие средства можат да се обезбедат со ребалансот на Буџетот, вели заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во гостувањето во поткастот „Ноќно студио“.
Тој истакна дека овој резултат се должи на сериозното планирање и интензивна работа уште од првите месеци по формирањето на Владата и посочи дека ваквата реализација е силен импулс за економијата и градежниот сектор во државата.
– Работевме доста интензивно од изборот до минатото лето на сериозно планирање на активности и веќе од минатата пролет-лето, работиме на реализација. Јас не сум изненаден од овие бројки и сум навистина горд што 3/4 од средствата предвидени за капитални расходи во Министерството за транспорт се потрошени, затоа што тие средства даваат дополнителен стимул на економијата – истакна Николоски.
Вицепремиерот потенцира Министерството е подготвено да реализира дополнителни 40 милиони евра, доколку тие средства можат да се обезбедат со ребалансот на Буџетот.
– Во однос на тоа што ќе правиме во остатокот од годината, ова е една убава комотна позиција за нас, да можеме при ребалансот на Буџетот, да побараме дополнителни средства. Ние во моментов имаме услови да исконзумираме некаде околу 2,5 милијарди денари или над 40 милиони евра, средства кои што дополнително сме спремни да ги реализираме во текот на годината, а надвор од ова што е буџет на Министерството за транспорт”, рече заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.
Toj додава:
– Нашите проекти се највидливи и оваа цела раздвиженост на градежната оператива низ државата го покажува тоа што го зборувам.