ШТО ДЕМАНТИРА ИРЛ? Договорот со МРТВ уште им траел, неколку медиуми воделе хајка против истражувачите
Плусинфо со одговор и порака до ИРЛ: со нови лаги нема никого да импресионирате – Договорот со МРТВ не сте го исполниле, кажете колку народни пари сте зеле и колку ви должи јавниот сервис и објавете го Анексот!
Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) до Редакцијата на Плусинфо испрати два демантa: првиот на 07.05.2026 во 12:05 часот и вториот (испратен до поголема група медиуми) на 07.05.2026 година во 16:28 часот. Во форма на принтскринови на фајловите, двата деманта во целост ги објавуваме на крајот на овој напис.
Претходно, во 3 одделни точки, ги сумираме клучните наводи од демантите на ИРЛ (само ноние кои се однесуваат на написите на нашиот портал) и под секој навод даваме прецизен одговор на Редакцијата на Плусинфо.
- Во врска со написот на Плусинфо под наслов „ДОГОВОРОТ НА ИРЛ СО МРТВ ЗА 180.000 ЕВРА НАРОДНИ ПАРИ НЕ Е ИСПОЛНЕТ Произведени се 2 наместо 4 документарци и 19 наместо 22 поткасти“, ИРЛ го демантира тврдењето дека договорот МРТВ не бил исполнет.
Според ИРЛ, насловот на написот на Плусинфо не бил точен, исто како што не било точно ова тврдење во написот: „Здружението на граѓани Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) не го исполнило во целост договорот за снимање на 38 содржини за кои склучило договор со националниот сервис МРТВ во вредност од 150.000 евра плус 18% ДДВ до крајниот рок, 31.12.2025 година.“
„Ваквиот наслов – тврди ИРЛ – а потоа и лид на веста, се неетички, погрешни, ја доведуваат јавноста во заблуда и ја наведуваат кон неточен заклучок“.
ИРЛ додава: „Повторно потенцираме дека нашиот договор за соработка и копродукција со МРТВ е сѐ уште во тек. Тој не е истечен на 31.12.2025 година. Нашата редакција тековно работи на неколкуте преостанати договорени продукти. Оттука, тенденциозно и неточно е тврдењето дека договорот на ИРЛ со МРТВ не е исполнет“.
Одговор на Плусинфо:
Уште во првиот напис на оваа тема, под наслов „ИРЛ ‘ЗГРМИЛА’ 180.000 ЕВРА ОД МРТВ ЗА ЕДНА СЕЗОНА Истражувале независно, ама со буџетски пари“, Плусинфо го објави целиот текст на договорот меѓу МРТВ и ИРЛ (преземено од колумна на Виктор Грозданов на порталот Нетпрес).
Во договорот, склучен на 27.11.2023 година, во Членот 4, јасно и прецизно пишува: „Овој договор е со важност од датумот на потпишување на Договорот од страна на двете договорни страни заклучно до 31.12.2025 година. Договорните страни се обврзуваат во договорениот период определен со став 1 од овој член да ги извршат и реализираат обврските преземени со овој Договор“.
Нема простор за креативни толкувања и за лажење – склучениот Договор меѓу МРТВ и ИРЛ има важност од 27.11.2023 година до 31.12.2025 година!
Плусинфо најпрофесионално ја праша ИРЛ дали ги исполнила обврските од овој Договор. Податокот дека се произведени 2 наместо 4 документарци и 19 наместо 22 поткасти не го измисливме ние, туку го добивме од допис на ИРЛ. Нашите информации се дека во периодот на важноста на Договорот ИРЛ реализирала само 1 а не 2 документарци и помалку од 19 поткасти, но ете, решивме јавно да го пласираме податокот што го добивме од ИРЛ.
Нема и не може да има никаква дилема околу тоа дека во периодот на важноста на Договорот, ИРЛ не ги исполнила своите обврски како договорна страна. Тоа што е ИРЛ сега се повикува на некаков склучен Анекс на договорот (кој сè уште никој не го видел) и кој на истражувачите им давал можност да ги реализираат предвидените содржини до крајот на септември 2026 година, не ги менува нештата. Тоа во никој случај не значи дека Договорот чија важност истекла на 31.12.2025 година (повторуваме: по сила на Член 4 од самиот Договор) „сè уште е во тек“.
Според тоа, тенденциозна лага е тврдењето на ИРЛ дека насловот и лидот на написот на Плусинфо се „неетички, погрешни, ја доведуваат јавноста во заблуда и ја наведуваат кон неточен заклучок“. Нема ништо погрешно во написот на Плусинфо! Напротив. ИРЛ а таа што греши: погрешно ги меша Договорот и Анексот (кој, повторуваме, никој сè уште не го видел), погрешно толкува дека Договорот со МРТВ сè уште бил во тек и ја доведува во заблуда јавноста дека не било вистина дека не ги исполнила обврските од Договорот со МРТВ.
- Во вториот демант, ИРЛ вели: „Спротивно на тврдењата дека немаме ниту еден вработен, ИРЛ има 10 вработени, додека фирмата ИРЛ Стори Лаб има 3. ИРЛ дополнително ангажира и надворешни соработници за реализација на своите продукти, согласно врвните меѓународни професионални и етички стандарди што гарантираат квалитет“.
Одговор на Плусинфо:
Во написот под наслов „ДРЖАВНО СПОНЗОРИРАНИТЕ ‘НЕЗАВИСНИ’ ИСТРАЖУВАЧИ НА ИРЛ Не го исполниле договорот со МРТВ, па се покриле со анекс – не е ли тоа класична малверзација?“, нашиот портал објавува детали за двата правни субјекта со името ИРЛ, врз основа на пребарување на веб-сајтот companywall.com.mk, најголемата база на деловни податоци во Македонија.
Во нашиот напис прецизно ги пренесовме информациите кои се јавно достапни на овој сајт. Меѓу другото, Плусинфо објави дека фирмата ИРЛ СТОРИ ЛАБ ДООЕЛ Скопје има 3 вработени (сите тројца ги наведовме со имиња и презимиња). Здружението ИРЛ, основано во 2018 година, кое во периодот 2023-2025 година остварило вкупен приход од 1,25 милиони евра, има 0 (нула) вработени. Така вели наведениот веб-сајт. Еве и доказ:

Ако е точно тоа што сега го тврди ИРЛ, дека во Здружението се вработени 10 лица, добро би било тоа да се поткрепи со соодветен доказ. На збор не им веруваме.
- Во својот втор демант, ИРЛ вели: „Изминативе неколку денови, Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) повторно е цел на координирани напади од страна на интернет порталите Плусинфо, Лидер и Нетпрес, како и со нив поврзани социјални платформи, кои дистрибуираат лажни и непрофесионални информации со цел дискредитација на организацијата и новинарите“.
Одговор од Плусинфо:
Ова и повеќе други тврдења и наводи во демантите (кои немаат врска со објавите на Плусинфо) ги сметаме за паничен обид на ИРЛ да го отргне вниманието на другите медиуми и на јавноста од суштината на овие написи, односно од фактот дека во својот втор обид да добие државни пари (првиот, неуспешен, беа оние 80.000 евра од ААВМУ), наводно „независните“ истражувачи успеале да склучат договор со кој од МРТВ требало да добијат 150.000 евра плус 18% ДДВ, најголем дел од тие пари најверојатно ги добиле (ИРЛ тврди дека не ги зеле сите, но не кажува колку зеле), не ги исполниле своите обврски до ден денешен и склучиле Анекс, со кој добиле нов рок своите обврски да ги реализираат до крајот на септември 2026 година.
Плусинфо од ИРЛ, но и од МРТВ, се уште очекува одговор на уште најмалку две важни прашања:
– Колку пари ѝ должи МРТВ на ИРЛ?
– Што точно содржи Анексот на Договорот?
Уште еднаш нагласуваме дека парите на МРТВ потекнуваат од буџетот, односно од даночните обврзници. Не се тоа ничии приватни пари. Јавноста има право да знае како се трошат јавните (народните) пари.
Во продолжение, двата деманта на ИРЛ:

