БЕЛГИЈА ВО КРИЗА, КРАЛОТ ЈА ОДБИ ОСТАВКАТА НА ПРЕМИЕРОТ Де Вевер призна неуспех
Белгискиот премиер Барт де Вевер поднесе оставка по неуспешните преговори за буџетот, но кралот Филип одби да ја прифати. Лидерите на петте владејачки партии ветиле отстапки за да се избегне продлабочување на политичката криза.
Белгискиот крал Филип ја одби оставката на премиерот Барт де Вевер и му наложи веднаш да ги продолжи преговорите за буџетот, иако коалициските партнери со недели не можат да се договорат како да го намалат буџетскиот дефицит за 10 милијарди евра до 2029 година.
Одлуката следува по серијата разговори што кралот ги одржал со лидерите на петте партии во владејачката коалиција, по кои оценил дека договор сè уште е можен, пренесува „Политико“.
„Кралот одлучи да не ја прифати оставката на премиерот и побара од него веднаш да ги продолжи преговорите за буџетот“, соопшти белгискиот кралски двор.
Дворот наведе дека сите 5 партии потврдиле дека се подготвени на отстапки за што поскоро да се постигне договор.
„Кралот доби официјална потврда од лидерите на петте партии дека се подготвени на компромиси за да се постигне договор во рамките на владата“, се наведува во соопштението.
Главниот спор е околу начинот на кој Белгија треба да го намали буџетскиот дефицит. Фламанската социјалистичка партија „Вуруит“ бара поголем придонес од граѓаните со високи примања, додека франкофонското централно-десничарско „Реформистичко движење“ се противи на таквиот пристап, како и на предложената реформа на данокот на додадена вредност.
Де Вевер претходно ја отфрлаше можноста земјата да влезе во новата година без усвоен буџет, но неделава призна дека привременото финансирање станува неизбежно.
Тоа би значело дека владата секој месец ќе може да троши најмногу една дванаесеттина од буџетот од претходната година.
– Ова е ужасен неуспех на владата – изјави Де Вевер пред пратениците, објаснувајќи зошто решил да поднесе оставка.
Премиерот има уште десет дена да се обиде да ги усогласи спротивставените позиции во коалицијата. На 16 ноември повторно ќе се сретне со кралот Филип за да го извести за напредокот на преговорите.