ДОГОВОРОТ НА ИРЛ СО МРТВ ЗА 180.000 ЕВРА НАРОДНИ ПАРИ НЕ Е ИСПОЛНЕТ Произведени се 2 наместо 4 документарци и 19 наместо 22 поткасти

За да се исполни договореното, МРТВ и ИРЛ си склучиле и анекс, за кој јавноста засега не знае детали.

47

Здружението на граѓани Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) не го исполнило во целост договорот за снимање на 38 содржини за кои склучило договор со националниот сервис МРТВ во вредност од 150.000 евра плус 18% ДДВ до крајниот рок, 31.12.2025 година.

„Треба да бидат емитувани 22 поткасти. Емитувани се 19. Договорени беа и 4 истражувачки документарни филмови. Досега се реализирани 2. Во тек е изработка на останатите содржини“, одговори ИРЛ на прашањата на Плусинфо.

 

Од ИРЛ велат дека со МТВ склучиле анекс на договорот, според кој неговата важност е продолжена до 30.09.2026 година.

„Дел од содржините (од мај до декември 2025 година) неколку месеци не беа испорачувани по барање на раководството на МРТВ поради локалните избори“, велат од ИРЛ.

Со МРТВ, додаваат, имаме анекс за целосно исполнување на договореното од двете страни.

„Финансиските обврски на МРТВ кон ИРЛ не се исплатени во целост“, посочи ИРЛ.

ИРЛ, додаваат од здружението во одговорот до Плусинфо, е единствениот надворешен проект на МРТВ за којшто финансирањето со сопствени средства (грантови, донации) надминува 70% од вкупната цена на производите што ги испорачуваат.

Оттаму посочија и дека досега снимените и емитувани содржини од договорот на МТВ се јавно достапни на нивниот канал на Јутјуб.

Колумнистот Виктор Грозданов во колумна на Нетпрес вчера обелодени копродукциски договор според кој Македонската радиотелевизија ѝ исплатила 150.000 евра плус ДДВ од 18% на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

Според договорот, склучен во ноември 2023 година помеѓу Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија, застапувано од директорот Марјан Цветковски и Здружението на граѓани ИРЛ, застапувано од претедателката Сашка Цветковска, МРТВ и ИРЛ заеднички ќе реализираат 38 емисии од ТВ проектот со наслов „Партнерство за квалитетни реформски процеси преку истражувачко и аналитично новинарство“ – сезона 2.

Тие 38 емисии, според договорот, се: 4 документарни истражувачки филмови (60 минути), 18 поткасти (60 минути) и 16 информативни репортажи (8 минути) кои што ќе бидат придружна програма на поткастите.

Документот предвидува дека МРТВ ќе ја емитува продуцираната содржина, а во проектот ќе учествува со 150.000 евра плус ДДВ, кои ќе им ги исплати на ИРЛ.

Исплатата, според договореното, требало да се изврши на 8 рати, во износ од по 18.750 евра во денарска противвредност, плус 18% ДДВ, од кои првата рата било предвидено да се исплати најдоцна до 31.4.2024 година, а последната најдоцна до 31.12.2025 година.

Според договореното, ИРЛ требала да ги подготви и да го реализира процесите на предпродукција, продукција и постпродукција, односно да ги подготви договорените содржини и да ѝ ги достави на МРТВ, како и да обезбеди светла, камери и опрема за снимање звук. Националниот сервис, пак, имал обврска на ИРЛ да ѝ обезбеди телевизиско студио, студиско снимање со комплетна техничка екипа, да ги исплати парите и да ги емитува содржините.

 

ИРЛ „ЗГРМИЛА“ 180.000 ЕВРА ОД МРТВ ЗА ЕДНА СЕЗОНА Истражувале независно, ама со буџетски пари

Поврзани содржини