МИНИСТЕРОТ ФАТМИР ЛИМАНИ ЈА РАСТУРИ КАЛИМЕРАТА СО ВРЕДИ Не сум нивни министер, ги чекам на предвремени избори

Односите на Фатмир Лиман со Вреди се нарушени веќе неколку месеци, откако се забележа дека тој се зближува со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, со кого е во родбинска врска.

0

Министерот за труд и социјална политика Фатмир Лимани денеска изјави дека веќе извесно време не е министер на партијата Вреди, која го номинира на тоа место во владата на Христијан Мицкоски, чиј член беше како дел од Движењето Беса на Билал Касами.

– Веќе некое време завршивме јас и Вреди – рече Лимани.

Пред неколку недели Касами рече дека Лимани не е веќе дел од комбинаториките на Вреди.

– Господинот Фатмир Лимани многу одамна ги прекина комуникациите со Движењето Беса и не гледам дека во нашето патување во рамките на Вреди тој ќе биде дел од политичките комбинаторики – рече Касами во гостување на ТВ Алсат.

Вреди в сабота на 9 мај треба и официјално да се претопи во една единствена политичка партија. Според најавите, партијата ќе има колидери – Изет Меџити и Билал Касами, двајца заменик-претседатели – Мимоза Муса и Беким Ќоку, како и секретар – Беким Сали.

Односите на Фатмир Лиман со Вреди се нарушени веќе неколку месеци, откако се забележа дека тој се зближува со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, со кого е во родбинска врска. Лимани учествуваше во Тирана заедно со Ахмети во две различни прилики во последните месеци.

– За предвремени избори сум и нема веќе да бидам дел од Вреди – одговори денеска министерот Лимани на прашање да ја коментира неговата објава на Фејсбук во која вели: „Сакавте војна со Фатмир Лимани, сега покажете колку вредите! Наскоро ќе ви овозможам да се покажете“.

– Тоа беше споделување на објава од еден портал кој го објавил тоа, а јас само потврдив дека исто така сум за предвремени избори. Сите сме за предвремени избори, освен Вреди. Колку побрзо се случат, толку подобро ќе биде за земјата, за нејзиниот економски развој и во исто време за освежување и во рамките на Вреди и во рамките на било кој друг политички субјект или структура – рече Лимани.

На прашање дали со која политичка структура ќе учествува на следните избори, рече само дека нема да биде дел од Вреди.

– Во „Вреди“ нема да бидам. Ќе видиме каде ќе бидам – рече министерот Лимани.

На прашање дали е министер на Вреди или на ВМРО-ДПМНЕ Лимани одговори дека тој е „министер на сите граѓани“.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера изјави дека неговата партија е подготвена за предвремени парламентарни избори.

– Јас уште од првиот ден барав предвремени избори. Утре да има избори ние сме подготвени, изјави Ахмети.

Избори побара и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, бидејќи според него, тоа било спас од владеењето на Вреди.

Поврзани содржини