АВМУ СЕ ОГЛАСИ ЗА „НЕНАДЛЕЖНА“ ЗА ДРЖАВНИТЕ ПАРИ ЗА ИРЛ Надзор на работата на МРТВ врши надзорниот одбор
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги нема надлежност да ги оценува договорните односи на радиодифузерите со други страни, ниту да дава мислење за соодветноста на паричниот износ во договорите за копродукција, одговори АВМУ во врска со договорот со кој МРТВ се обврзал да ѝ плати 150.000 евра плус ДДВ на ИРЛ за 38 емисии.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги нема надлежност да ги оценува договорните односи што ги склучуваат радиодифузерите со други страни, одговори АВМУ на прашањата на Плусинфо во врска со договорот со кој националниот сервис МРТВ се обврзал да му плати 150.000 евра плус 18% ДДВ на Здружението на граѓани Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) за 38 емисии.
Плусинфо ја праша Агенцијата дали АВМУ смета дека е соодветна сумата од речиси 180.000 евра од МРТВ за ИРЛ, предводено од Сашка Цветковска, за една телевизиска сезона. Според договорот, потпишан со директорот на МРТВ Марјан Цветковски, ИРЛ требало да сними 38 емисии и тоа: 4 документарни истражувачки филмови, 18 поткасти и 16 информативни репортажи, кои што ќе бидат придружна програма на поткастите. Ако сумата од 180.000 евра се подели на 38 содржини, произлегува дека ИРЛ за една емисија добила, во просек, околу 4.700 евра.
Плусинфо ја праша АВМУ и дали смета дека случај е пример за државно финансирање на медиум?
„Во врска со доставените прашања, Ве известуваме дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги нема надлежност да ги оценува договорните односи што ги склучуваат радиодифузерите со други страни, вклучително и јавниот сервис, ниту пак да дава мислење за соодветноста на паричниот износ утврден во договорите за копродукција“, одговори АВМУ.
Надзорот над материјално-финансиското работење на јавниот сервис, согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го врши Надзорниот одбор на МРТ, додава Агенцијата.
„Воедно, Ве известуваме дека Агенцијата не е надлежна институција за оценка и за надозор на државна помош“, одговори АВМУ.
Плусинфо во врска со овој случај побара одговори од МРТВ и од ИРЛ за тоа колку од предвидените документарци, поткасти и репортажи се реализирани и дали е целосно исполнет договорот.
Колумнистот Виктор Грозданов во колумна на Нетпрес вчера обелодени копродукциски договор според кој Македонската радиотелевизија ѝ исплатила 150.000 евра плус ДДВ од 18% на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Грозданов вели дека договорот со кој се трошат народни пари го добил од свиркачи.
Според договорот, склучен во ноември 2023 година помеѓу Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија, застапувано од директорот Марјан Цветковски и Здружението на граѓани ИРЛ, застапувано од претедателката Сашка Цветковска, МРТВ и ИРЛ заеднички ќе реализираат 38 емисии од ТВ проектот со наслов „Партнерство за квалитетни реформски процеси преку истражувачко и аналитично новинарство“ – сезона 2.
Тие 38 емисии, според договорот, се: 4 документарни истражувачки филмови (60 минути), 18 поткасти (60 минути) и 16 информативни репортажи (8 минути) кои што ќе бидат придружна програма на поткастите.
Документот предвидува дека МРТВ ќе ја емитува продуцираната содржина, а во проектот ќе учествува со 150.000 евра плус ДДВ, кои ќе им ги исплати на ИРЛ.
Исплатата, според договореното, требало да се изврши на 8 рати, во износ од по 18.750 евра во денарска противвредност, плус 18% ДДВ, од кои првата рата било предвидено да се исплати најдоцна до 31.4.2024 година, а последната најдоцна до 31.12.2025 година.
Според договореното, ИРЛ требала да ги подготви и да го реализира процесите на предпродукција, продукција и постпродукција, односно да ги подготви договорените содржини и да ѝ ги достави на МРТВ. Националниот сервис, пак, имал обврска на ИРЛ да ѝ обезбеди телевизиско студио, да ги исплати парите и да ги емитува содржините.
Грозданов во својата колумна го повика Јавното обвинителство да постапи согласно своите овластувања за, како што пишува, „злосторничко трошење на народни пари на основ на продукциска вредност“.
Колумнистот побара и МРТВ веднаш, во името на сите медиуми да ги објави сите копродукциски договори во периодот од 2012 до 2026 година, со посебен предзнак на ИРЛ.
ИРЛ „ЗГРМИЛА“ 180.000 ЕВРА ОД МРТВ ЗА ЕДНА СЕЗОНА Истражувале независно, ама со буџетски пари