ДРЖАВНО СПОНЗОРИРАНИТЕ „НЕЗАВИСНИ“ ИСТРАЖУВАЧИ НА ИРЛ Не го исполниле договорот со МРТВ, па се покриле со анекс – не е ли тоа класична малверзација?

Договорот меѓу МРТВ и ИРЛ тежок 180.000 евра има многу маани, ама посебна приказна е склучувањето на анексот, кој сè уште се крие од очите на јавноста. Освен тоа, јавноста заборава дека ова е втор обид на ИРЛ да лапне државни пари – во јануари 2024 година, ААВМУ, без јавен повик и нетранспарентно, ѝ додели донација од 80.000 евра. Пукна брука, па грантот пропадна. А во истата 2024 година, „непрофитното“ здружение ИРЛ, со фантастичен вкупен приход од 1,25 милиони евра во периодот 2023-2025 година, си основало и фирма, друштво со ограничена одговорност. Во ДООЕЛ-от се вработени само тројца од тимот на Сашка Цветковска, со бедни просечни бруто-плати од по 500 евра. Од што живеат другите 10 истражувачки новинари?

106

Откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), во одговор на прашањата на Плусинфо, потврди дека не ги исполнила обврските од договорот со јавниот сервис МРТВ тежок 180.000 евра за една сезона, молкот на институциите за овој скандал продолжува и денеска. Молчат МРТВ и Здружението на новинарите на Македонија, а Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) се огласи за ненадлежна за контрола на вакви договори.

Како што веќе пишувавме, ИРЛ за Плусинфо потврди дека не го исполнила во целост договорот за снимање на 38 содржини за кои заклучило договор со МРТВ во вредност од 150.000 евра плус ДДВ од 18%. До крајниот рок на важноста на договорот, 31 ноември 2025 година, требало да бидат емитувани 4 истражувачки филмови, а емитувани се само 2. Требало да се емитуваат 11 поткасти, а биле емитувани само 19. ИРЛ додава дека е во тек изработката на други содржини, за што бил склучен анекс на договорот, со кој важноста е продолжена до 30 септември годинава.

По ова објаснување, Плусинфо до ИРЛ постави нови прашања, во кои се бара да биде јавно соопштено што содржи анексот на договорот. Со оглед на тоа дека ИРЛ тврди дека МРТВ не ги исплатила сите пари од склучениот договор, Плусинфо од ИРЛ побара одговор и на прашањето колку пари и должи јавниот сервис за првиот договор, чија важност е помината.

Од ИРЛ добивме допис со ваква содржина: „Ги примивме вашите дополнителни прашања. Соодветно ќе ви одговориме и на нив откако ќе ги најдеме деталите кои ве интересираат. Имајќи предвид дека некои од нашите вработени кои се запознаени со административното работење на редакцијата во моментов се на работни задачи, одговорот ќе ви го пратиме дополнително“.

Правен експерт за Плусинфо: Најпаметно е новото раководство на МРТВ да го раскине анексот со ИРЛ, за да се намалат штетите, а и раат да бидат

Редакцијата на Плусинфо консултираше угледен правен експерт, од кого побаравме да го анализира договорот меѓу ИРЛ и МРТВ. Неговиот коментар го добивме оф рекорд, а човекот побара анонимност во страв да не биде изложен на медиумски линч, дискредитација, клевети и навреди, пракса која е карактеристична за ИРЛ.

– Договорот има многу маани, од повеќе аспекти. На пример, не е јасно специфицирана вредноста на поединечните услуги на договорните страни во копродукцијата, па не е јасно како е дојдено до договорената сума од 150.000 евра. Не се прецизирани условите за дозволено толерирање на неисполнување на договорените обврски. На пример, никаде не се спомнуваат изборите како причина за неисполнување на обврските од страна на ИРЛ, како што тврди ИРЛ во дописот до Плусинфо. Настан што можел да се предвиди во никој случај не може да се третира како „виша сила“. Но, најстрашно од сè е нешто друго. Крајно е невообичаена, а и спротивна на законите, праксата проблемот на неисполнувањето на еден договор, во случајот договор со кој се трошат народни пари, да се „реши“ едноставно со склучување анекс. Моето мислење е дека таа постапка е незаконска и повлекува законска одговорност на двете договорни страни – вели правниот експерт за Плусинфо.

На нашето прашање кое би било законското решение на проблемот, експертот вели:

– Не би сакал да објаснувам што се прави во случаи на незаконско постапување во која било ситуација. Тоа го знае секој студент по право. Јас би упатил на една битна и, ако може така да се изразам, „среќна“ нова околност во МРТВ, а тоа е промената во раководството. Да сум јас на местото на новиот директор, веднаш би го раскинал анексот на договорот меѓу МРТВ и ИРЛ, за да ги намалам штетите и за да не преземам на свои плеќи одговорност за нешто што утре може да се потврди како незаконско. И секако, во иднина никако не би склучувал договор со договорна страна која веќе има историја на неисполнување на своите договорни обврски.

Да не заборавивме како ААВМУ се обиде „под маса“ да ја почести ИРЛ со донација од 80.000 евра?

Друг аспект на овој скандал е дилемата од етички аспект – зошто МРТВ склучила ваков договор и ја наградила невладината организација ИРЛ, на чие чело е Сашка Цветковска, со 180.000 евра државни пари, за проект во кој, меѓу другото, за студиско снимање бесплатно се ангажирани капацитетите на оваа куќа? Прашањето добива на тежина и поради фактот што ИРЛ и неколку други невладини организации, вклучувајќи го и ЗНМ, жестоко се противат на државно финансирање на медиумите. МРТВ се финансира од буџетски пари. Парите префрлени од МРТВ на ИРЛ се пари на даночните обврзници. Како е можно ставот на новинарските здруженија против државно финансирање на медиуми да важи за сите, освен за ИРЛ и за неколку други медиумски проекти обилно финансирани од државата преку истиот канал?

И да се потсетиме, ова не е прв пат ИРЛ да добива државни пари. Во 2024 година, значи во годината кога ИРЛ има активен договор со МРТВ, на ИРЛ ѝ беше доделена донација вредна 5 милиони денари, или нешто повеќе од 80.000 евра, од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), „за проверка на фактите во предизборниот период кои политичките кандидати ги изнесуваат за време на јавни настапи, гостувања во дебатни емисии, јавни дискусии и дебати, истражувања на јавно мислење, пр-објави или ветувања кои се повторуваат во речиси сите предизборни програми“.

Донацијата од АВМУ за ИРЛ беше доделена без јавен повик и во целосно нетранспарентна постапка. На 15 јануари 2024 година била одржана седница на Советот на АВМУ, на која како четврта точка од дневниот ред се нашол предлогот за доделување на финансиска помош – донација на ИРЛ и предлог договор за донација. За оваа точка образложение поднел Зоран Трајчевски, тогашниот и сегашен претседател на АВМУ, кој рекол дека „една од основните задачи на АВМУ е да се грижи за развојот на плурализмот во медиумите, а тука спаѓа не само плурализам во сопственоста, туку и плурализам во известувањето, а како еден од важните сегменти е и истражувачкото новинарство кое драматично недостасува во нашето општество“.

Оваа донација за подоцна сепак пропаднала (барем така се кажа), но остана отворено прашањето на одговорноста за обидот на државната ААВМУ целосно нетранспарентно, такаречи под маса, ИРЛ да ја „почести“ со 80.000 евра, пари за кои ИРЛ после тврдеше дека не биле државни, туку биле „сопствен приход“ на ААВМУ. Небаре Агенцијата не е државна, туку е нечие приватно гранапче.

Како и да е, тогаш јавноста разбра, а сега со договорот меѓу МРТВ и ИРЛ, се потврди дека „невладините“ и „независни“ истражувачи од екипата на Сашка Цветковска се обилно спонзорирани и финансирани со државни, буџетски, народни пари. Тоа е спротивно на клучните ставови на ЗНМ за прашањата на независноста и за државното финансирање на медиумите.

„Непрофитни“ истражувачи на ИРЛ за три години оствариле приход од 1,25 милиони евра – пуста сиромаштија!

Има неупатени читатели и фанови на истражувачките стории на ИРЛ кои живеат со убедувањето дека оваа невладина организација е навистина непрофитна, дека е независна и дека нема ништо лошо во тоа државата да им помага на „сиромашните“ медиуми, кои ете, со судни маки, водат тешка битка против корупцијата, криминалот и сите други зла во општеството.

Но, ајде да видиме дали е тоа баш така…

Ако појдете на веб-сајтот companywall.com.mk (каде што има официјални податоци за македонските компании) и во полето за пребарување впишете „ИРЛ“, ќе видите не еден, туку два правни субјекта: Истражувачка лабораторија ИРЛ Скопје и ИРЛ СТОРИ ЛАБ ДООЕЛ Скопје. Двете се на иста адреса: улица Алберт Швајцер број 6, Скопје.

Кликнете на првиот субјект. Целото име е „Здружение на граѓани ИСТРАЖУВАЧКА РЕПОРТЕРСКА ЛАБОРАТОРИЈА – ИРЛ Скопје“. Основана на 03.01.2018 година. Број на вработени: 0 (нула)! Плати: 0 (нула)! E ова Здружение со 0 (нула) вработени, во 2023 година остварило вкупни приходи од 19.913.000 денари, во 2024 година – 27.504.000 денари и во 2025 година – 29.530.000 денари. Значи, во периодот 2023 – 2025 година, Здружението ИРЛ, со нула вработени, чиј претседател и претставник е Сашка Цветковска, остварила вкупни приходи од 76.947.000 денари, или – 1.250.000 евра (со букви: еден милион и двесте педесет илјади евра).

Согласно со дописот на ИРЛ до Плусинфо, веруваме дека најголем дел од овие навистина големи пари – некој со право би додал, безобразно големи пари! – се од странски донации. Ако е така, од каде тогаш потребата една богата невладина организација, со големи странски донации, да се финансира и со државни пари, преку тој скандалозен договор со МРТВ?

Ем здружение, ем фирмиче, пари куп, а само тројца вработени со бедни плати – од што живеат другите 10 истражувачи?

Ако сте уште на посочениот веб-сајт, кликнете на вториот субјект. Тоа е „Друштво со ограничена одговорност со едноличен капитал ИРЛ СТОРИ ЛАБ ДООЕЛ Скопје“, регистрирано на истата адреса како и здружението, но на 25.4.2024 година. Интересно, тоа е среде периодот на важност на договорот на ИРЛ и МРТВ и три месеци по доделената донација од ААВМУ. Директори на компанијата се Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска и Трифун Ситниковски. Основач е Здружението ИРЛ. Компанијата вкупно брои 3 работници, додека просечната бруто-плата по вработен е 35.912,72 денари месечно. Приходите се многу поскромни од оние на Здружението: во 2024 година 667.000 денари, а во 2025 година – 4.074.000 денари. Вкупно 80.000 евра.

Овие податоци наметнуваат многу важни прашања за тоа како работи ИРЛ. Ако го отворите нивниот веб-сајт, во категоријата „За нас“, под насловот „Нашиот тим“, со фотографии и со имиња се наведени: Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска, Бојан Стојановски, Деница Чадиковска, Маја Јовановска, Александра Денковска Гоцевска, Александар Јанев, Иван Блажевски, Пелагија Младеновска Стојанчова, Лука Блажов, Трифун Ситниковски, Трајче Антоновски и Горјан Атанасов. Тоа се вкупно 13 души.

Кои од овие 13 души се тројцата вработени во ДООЕЛ-от? Како е можно тие тројца да примаат просечна бруто-плата од само 35.912,72 денари (малку над 500 евра), што е сериозно под нивото на медиумската индустрија, а и под нивото на вработените во скопските маркети, на пример? Каде завршиле оние 1,25 милиони евра? Како и колку се платени останатите 10 луѓе од тимот на Сашка Цветковска? Можно ли е Сапка Цветковска да работи за бруто-плата од 500 евра?

Дали Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија (ССНМ), кој се залага за повисоки новинарски плати, има нешто да каже во врска со сето ова?

Ќе се замислат ли малку и странските донатори?

Има уште едно прашање, за кое веројатно треба да размислуваат странските донатори на ИРЛ. Добро упатен извор во работата на невладиниот сектор и на странските фондации, кој исто така побара да остана анонимен, вели:

– Околу 80% од приходите на невладината организација ИРЛ сигурно се обезбедени од странски донации. Донаторите, вклучително и Европска Унија, применуваат исклучително строги правила во однос на наменското користење на средствата, финансиската дисциплина и спречувањето на судир на интереси. Секое отстапување од договорените услови, вклучително и ненаменско трошење или неосновани исплати, претставува сериозно прекршување кое може да резултира со финансиски корекции, обврска за целосно враќање на средствата, раскинување на договорите и дополнителни санкции – вели тој.

Што ако Сашка Цветковска и другите вработени во друштвото основано од невладината организација се ангажирани со полно работно време (40 часа неделно), како што би било нормално?

– Тогаш, согласно со вообичаените правила на донаторите од Европска Унија, тие во принцип немаат право на дополнителни хонорари надвор од нивниот редовен работен однос за истите или слични активности. Во пракса, кај дел од донаторските програми е дозволено дополнително ангажирање, но тоа најчесто е ограничено (на пример, до одреден процент од работното време или буџетот) и мора да биде јасно оправдано, транспарентно и различно од редовните работни задачи. Дополнително, од аспект на домашното законодавство, особено согласно со прописите на Управата за јавни приходи, исплата на хонорари на веќе вработени лица во поврзано правно лице (на пример, невладина организација како основач на друштво) може да биде предмет на контрола и да се смета за потенцијална злоупотреба, доколку не постои јасна правна и економска основа за таквите исплати. Поради тоа, потребно е дополнително да се провери конкретната ситуација, вклучително и дали станува збор за исти или различни работни задачи, дали ангажманот е надвор од редовното работно време и како се третираат овие исплати од даночен аспект. Не тврдам дека ова е таков случај, но основањето на трговско друштво од страна на невладина организација често се користи за правење малверзаци со донирани пари – објаснува нашиот извор.

Напомена: Освен дополнителниот одговор од ИРЛ за анексот на договорот и за долгот на МРТВ, Редакцијата на Плусинфо очекува за сите овие дилеми и за уште еден куп други, да се огласат МРТВ, новинарските здруженија и други надлежни институции. Од ИРЛ стаса демант на првичната објава на Плусинфо, кој ќе биде објавен благовремено, заедно со демант на демантот.

Поврзани содржини