НАСТАП НА ДАВИД ГЕТА ЗА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ НА МАКЕДОНИЈА Влезницата ќе биде симболични 35 денари

Покрај настапот на Давид Гета, по повод 35-годишнината од независноста ќе има уште два големи концерта помеѓу 8 август и 8 септември, кои дополнително ќе бидат соопштени. Во истиот период ќе има дисперзирана музичка програма во 11 градови во државата, со вклученост на над 120 македонски уметници.

0

Авалон-продукција и Владата најавија музичка програма со повеќе концерти за 35 години независност на државата, а централен ќе биде настапот на Давид Гета, еден од најголемите светски музичари, на стадионот „Тоше Проески“ на 8 септември. Гета ќе настапи со неговата светска продукција „The Monolith Stadium Show“.

Организаторите денеска на прес-конференција најавија дека спектаклот ќе биде бесплатен јавен настан со регистрација за симболична цена од 35 денари по човек. Секој корисник ќе биде ограничен на најмногу две влезници, а дозволена ќе биде и регистрација од други држави. Информации за процедурата за регистрација ќе бидат соопштение утре од Avalon International Booking, организаторот на настанот.

Бобан Милошевски, сопственикот на „Авалон“ рече дека концертот на Гета на 8 септември ќе биде една до две класи повисоко од она што го организирале во изминатите три децении, во и надвор од државата.

– Без конкуренција „David Guetta – The Monolith Stadium Show“ е најголемо шоу во Европа. Од музички и од продукциски аспект е досега невидено во европски, па и во светски рамки. Се потрудивме истото тоа шоу, кое Давид Гета го работи за 300.000 посетители за три дена на стадионот во Париз, во арената во Амстердам за 100.000 посетители, и на хиподромот во Милано, еден ден пред Скопје, за околу 80.000 посетители, истото тоа шоу така ќе изгледа и во Скопје на 8 септември. Влезот ќе биде бесплатен, само со формална регистрација за 35 денари. Се одлучивме да не се ограничуваме само на Македонија, и веќе се соопштува во околните земји за овој настан, кој ќе биде најголем што го направила Авалон-продукција воопшто во својата кариера во и вон Македонија. Имаме незавсна држава и никогаш не сме го наполниле целосно стадионот, сите четири трибини. Сакаме да имаме нешто сериозно светско и да покажеме некоја моќ дека нè бидува за многу повеќе отколку што одредени структури во Европа имаат однос кон нас како држава – изјави Милошевски.

На новинарско прашање за цената на настапот на Гета во Скопје, одговори дека Гета е ѕвезда за кого влезниците на стадионските концерти од неговата турнеја се по цена од 75 до 250-300 евра и одговорно тврди дека од четири до седум пати е пониска цената за која ќе гостува кај нас.

– Не му се на Гета приоритетно парите за доаѓањето во Македонија, кои се пет-шест пати помали отколку за другите стадиони што ги работи. Едноставно, на човекот многу му се допадна идејата и беше импресиониран кога му кажав дека помеѓу три-четири имиња кои ми беа во игра, јас се одлучив на Владата да ѝ до предложам Давид Гета, затоа што мислам дека прославата за 35 години незвисност за држава како Македонија треба да биде спектакуларна. Затоа успеавме оваа невозможна мисија да ја истуркаме до крај – додаде сопственикот на продукцијата „Авалон“.

Покрај настапот на Давид Гета, по повод 35-годишнината од независноста ќе има уште два големи концерта помеѓу 8 август и 8 септември, кои дополнително ќе бидат соопштени. Во истиот период (8 август – 8 септември) ќе има дисперзирана музичка програма во 11 градови во државата, со вклученост на над 120 македонски уметници.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, на прес-конференцијата истакна дека јубилејот претставува историска точка што нè обврзува со достоинство, визија, но и одговорност да ја раскажеме приказната за државата низ културата, уметноста и современиот национален израз.

– Токму затоа, цениме дека на овој голем државен јубилеј му е потребен и голем, репрезентативен и долгорочно значаен проект, кој за нас и за целата држава нема да биде само настан, туку национална културна манифестација од највисок ранг, со амбиција да остави трајна вредност и силна трага во културната историја на Македонија. Нашата цел е ова одбележување да има и државничка тежина, современ културен и продукциски пристап, но и меѓународна препознатливост. Да создадеме концепт кој ќе ја претстави Македонија како држава што знае достоинствено да го одбележи сопствениот пат, но и да ја покаже сопствената културна самодоверба пред домашна и меѓународна јавност. Веруваме дека како Македонија имаме капацитет да создадеме настани со сериозна продукциска вредност, со силна емоција, но и со културна порака која навистина ќе остане запаметена и надвор од нашите граници – рече Митева.

Во наредниот период продукцијата ќе објавува информации за другите содржини од програмата, а целата манифестација ќе биде рекламирана и за сите настани ќе има посебна веб-страница.

Поврзани содржини