ЈА УДРИЛ ПО ГЛАВА СО ГАЈБА ПОЛНА СО ШИШИЊА Брутално претепана жена во Автокоманда, осомничениот под мерки

Жената со тешки телесни повреди заврши во болница, а обвинителството побара забрани и мерки на претпазливост за осомничениот.

1,769

Осомничен скопјанец заврши под истрага поради тешко кривично дело – нанесување тешка телесна повреда врз жена со која претходно имал лични недоразбирања. Основното јавно обвинителство Скопје информира дека на 23 август попладне, пред угостителски објект во населбата Автокоманда, тој ја нападнал оштетената на брутален начин.

Според истрагата, најпрво започнал грубо да ја навредува, а потоа зел пластична гајба полна со стаклени шишиња и со замав ја удрил жената по главата. Од ударот оштетената почнала обилно да крвари и зашеметена успеала да повика полиција. Таа веднаш била пренесена со Брза помош во болница, каде што лекарите констатирале тешки телесни повреди.






„Имајќи го предвид начинот на сторување на кривичното дело и опасноста по животот и здравјето на жртвата, јавниот обвинител предложи до судот определување на повеќе мерки на претпазливост,“ велат од Обвинителството.

На осомничениот му се бараат мерки како забрана за приближување и контакт со жртвата, привремено одземање на патната исправа и обврска за редовно јавување кај службено лице.

Обвинителството потенцира дека ваквите мерки се неопходни за заштита на оштетената од можно ново загрозување на нејзината безбедност и живот.

Поврзани содржини