НАТО ИМА МОЌ ДА ГО ЗАЗЕМЕ КАЛИНИНГРАД Американски генерал тврди Алијансата има нова стратегија

Според командантот Кристофер Донахју, вооружените сили на САД и сојузниците на НАТО имаат капацитет брзо да ja заземат руската енклава која се наоѓа меѓу Полска, Белорусија и Литванија.

713

Командантот на американските вооружени сили во Европа и Африка, генерал Кристофер Донахју, ѝ се закани на Русија со потенцијално заземање на регионот Калининград и целосно уништување на руските трупи стационирани таму, пренесува Киев Индепендент.

Според Донахју, вооружените сили на САД и сојузниците на НАТО имаат капацитет брзо да ja заземат руската енклава која се наоѓа меѓу Полска, Белорусија и Литванија.






„Нема апсолутно никаква причина зошто не можеме да ја демонтираме руската зона A2AD (Anti-Access/Area Denial) побрзо од кога било досега. Веќе планиравме за ова и ги развивме потребните капацитети“, напиша Донахју на социјалните мрежи.

Американскиот генерал истакна дека Калининград е широк приближно 75 километри и дека е целосно опкружен со земји-членки на НАТО.

 

Забелешките на Донахју доаѓаат во услови на зголемени тензии меѓу НАТО и Русија и спроведување на нова сојузничка стратегија позната како „Линија на одвраќање од источниот блок“.

Иницијативата се фокусира на зајакнување на копнените сили, интегрирање на одбранбеното производство и распоредување стандардизирани дигитални системи и платформи за лансирање за брза координација на бојното поле.

Рускиот пратеник Леонид Слуцки, шеф на комисијата за надворешни работи на рускиот парламент, предупреди дека секој напад врз Калининград ќе предизвика одмазднички мерки.

– Напад врз регионот Калининград е еднаков на напад врз Русија. Со сите соодветни одмазднички мерки, вклучително и употреба на нуклеарно оружје – вели рускиот пратеник.

Калининград, руска енклава без директна копнена врска со Русија, е меѓу најмилитаризираните региони во Европа и се смета за жариште на тензиите меѓу НАТО и Русија.

 

Поврзани содржини