СО ДРОНОВИ НАПАДНАТ ТАНКЕР ВО РОМАНИЈА Букурешт и Софија засега не го активираат член 4 на НАТО, но Алијансата ќе постапува како да е активиран
Романскиот претседател Никушор Дан по денеска се сретна со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и со бугарскиот премиер Румен Радев во Брисел за да разговараат за растечките безбедносни закани во регионот на Црното Море.
Седум од 12 членови на екипажот се водат како исчезнати по нападот со беспилотно летало врз танкер за хемикалии што се запали во близина на романскиот брег во четврток наутро. Танкерот „Вајн Трејдер“, кој плови под знамето на Сан Марино, бил на 24 километри источно од устието на Дунав кај Сулина, кога пријавил експлозии и пожар, пишува Би-Би-Си.
Романскиот претседател Никушор Дан потврди дека дронови го погодиле „Вајн Трејдер“ и друг танкер во областа, „Јара Ј“, кој бил нападнат во среда.
„Вајн Трејдер“ не превезувал товар во времето на нападот.
Москва објави дека два товарни брода со воена опрема што пловеле кон украинското пристаниште Одеса биле погодени, но не ги именуваше.
Романските власти објавија дека потрагата по исчезнатите членови на екипажот продолжува. Во акцијата учествуваат два хеликоптери и два спасувачки брода. Приоритет е да се стигне до четирите членови на екипажот за кои е потврдено дека се живи, а екстремно немирното море со високи бранови им го отежнува работењето на спасувачките екипи.
Танкерот пловел од Тунис кон Романија, а околу 7 часот утрово пријавил неколку експлозии. Романските медиуми ги пренесуваат изјавите на екипажите од блиските бродови, кои тврдат дека „Вајн Трејдер“ бил погоден од два дрона.
Рој руски дронови бил забележан во текот на ноќта во близина на местото на настанот, недалеку од украинскиот Змиски Остров.
Западниот брег на Црното Море неодамна беше место на чести напади со дронови.
Во вторник, два трговски брода беа погодени од дронови подалеку на југ, покрај брегот на Бугарија. Еден од тие бродови потона, а се бараат 11 членови на екипажот. Бугарија се сомнева дека Русија стои зад нападот, поради што го повика рускиот амбасадор на разговор.
Лидерите на Романија и на Бугарија размислуваат дали да го активираат Член 4 од договорот за НАТО. Тој член ѝ дозволува на секоја членка на Алијансата да побара консултации со други сојузници доколку смета дека нејзиниот територијален интегритет или безбедност се загрозени. Бугарската претседателка Илијана Јотова вчера рече дека повикувањето на членот 4 е една од опциите и дека таков чекор би имал поголема тежина ако го преземат повеќе држави заедно.
– Сакаме да ги имаме сите информации за тоа што се случило, но романската држава ќе одговори – рече романскиот претседател Дан.
Дан денеска се сретна со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и со бугарскиот премиер Румен Радев во Брисел за да разговараат за растечките безбедносни закани во регионот на Црното Море. По состанокот изјави дека неодамнешните напади врз комерцијални бродови во Црното Море претставуваат обид на Русија да го дестабилизира источното крило на НАТО и да ја ослабне поддршката за Украина.
I had an important meeting today with Prime Minister @RumenRadevPM and @SecGenNATO Mark Rutte to strengthen our defences in the Black Sea. With our @NATO Allies, we have a commitment to defend every inch of our territory, including our waters and airspace.
The situation in the Black Sea is serious. Commercial ships are being attacked and sunk. Seafarers killed, injured, and missing, very close to the shores of Romania and Bulgaria. This is unacceptable and it has to stop.
Lives, global trade, and critical infrastructure are at stake. We stand together for a safe and open Black Sea, for Romania, Bulgaria, Europe, and the whole world.
— Nicușor Dan (@NicusorDanRO) October 15, 2026
Дан не даде дополнителни детали за погодените бродови.
„Со нашите сојузници од НАТО, ние сме должни да го браниме секој метар од нашата територија, вклучувајќи ги и нашите води и воздушен простор. Ситуацијата во Црното Море е сериозна. Трговски бродови се под напади и потонуваат. Морнари гинат, има и повредени и исчезнати, многу блиску до бреговите на Романија и на Бугарија. Ова е неприфатливо и мора да престане. Животите, глобалната трговија и критичната инфраструктура се во опасност. Заедно се залагаме за безбедно и отворено Црно Море, за Романија, Бугарија, Европа и целиот свет“, напиша Дан на Икс.
Бугарскиот претседател Румен радев пред средбата изјави дека нападите се флагантно кршење на меѓународните закони.
– Ќе ги имлементираме сите мерки за да ја смириме ситуацијата – рече Радев.
Според романските медиуми, на состанокот било договорено Алијансата да постапува како да е активирана постапката за консултации, но без формално повикување на членот 4.
Се очекува и дополнителна средба во рамките на Северноатлантскиот совет.
Украина директно ја обвини Русија за претходните напади врз цивилни бродови во западниот дел на Црното Море, кое служи како клучна рута за украинскиот извоз и увоз. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во вторникот изјави дека Црното Море станува „уште еден фронт за ескалација на руската војна во Украина“ и рече дека тоа е неприфатливо.
Москва тврди дека ги таргетира бродовите што превезуваат оружје и стока со двојна намена до украинските пристаништа. Од друга страна, Киев и неговите европски сојузници истакнуваат дека цел на нападите се трговски бродови што превезуваат жито и друг цивилен товар.