РУБИО НЕГИРА ДЕКА САД ГО ЗАБАВИЛЕ „СТАРЛИНК“ Зеленски објави дека Украина повторно добива разузнувачки податоци
Попладнево украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека по краток прекин, САД продолжија да ѝ доставуваат на Украина клучни разузнавачки податоци за да ѝ помогнат во одбраната од руските ракетни напади.
Вашингтон повторно ги отфрли обвинувањата за намерно забавување на сателитскиот интернет од системот „Старлинк“ што Украина го користи за воени цели.
– Никој во Белата куќа не наредил некому да го забави интернетот или да ја намали брзината, со цел одредени беспилотни летала да не можат да го користат -изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.
Тој не прецизираше што ги предизвикало проблемите
– Тоа се случи, но според моите сознанија, состојбата е нормализирана – рече Рубио.
Потврди дека Киев користи сателитски интернет за летови на беспилотни летала, но негираше дека Украина има пристап до воениот интернет-систем „Старшилд“, нагласувајќи оти „Старлинк“ и „Старшилд“ се различни системи.
– „Старшилд“ е договор со американската војска. Тој нема никаква врска со Украина. Знам дека Украина сака пристап до „Старшилд“. Тие побараа пристап до него за да можат да изведуваат напади длабоко на територијата на Русија. Но, во моментов, тие немаат пристап до него – рече Рубио.
Во средата од Украина пристигнаа извештаи за проблеми при користењето на сателитскиот интернет „Старлинк“. Според овие извештаи, беспилотните летала ја губеле врската кога се движеле со брзина поголема од 160 километри на час, а понекогаш и при помали брзини.
Кратко потоа, украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека услугата е забавена. Сепак, Белата куќа и Илон Маск, сопственикот на „Старлинк“, ги отфрлија обвинувањата за намерно ограничување на функционалноста. Украинскиот претседате во повеќе наврати изнесе тврдења за намерно ограничување на функционалноста.
Попладнево Зеленски објави дека по краток прекин, САД продолжија да ѝ доставуваат на Украина клучни разузнавачки податоци за да ѝ помогнат во одбраната од руските ракетни напади.
Украина се потпира на американските разузнавачки податоци за да ги открие балистичките ракети со голема брзина кои Русија во бранови ги лансира кон украинските градови.
Во интервју Зеленски изјави дека размената на разузнавачки информации била прекината, но подоцна повторно е воспоставена.
– Многу сме благодарни за тоа. Сега сè функционира – рече Зеленски.
Според толкувањата, прекинот во споделувањето разузнавачки податоци произлезе од спорот меѓу Киев и Вашингтон во врска со украинските напади врз руската енергетска инфраструктура. Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека овие напади доведуваат до раст на цените на дизелот, што за него претставува политички проблем пред претстојните избори за Конгресот.
Минатата недела Трамп повика на „енергетско примирје“ во Украина – потег што го затекна Киев неподготвен. Украина тврди дека, како одговор на ова барање, ги запрела нападите врз руските енергетски цели во текот на неколку дена. Сепак, откако Русија продолжи да ги бомбардира украинските енергетски постројки, Украина повторно ги започна своите напади.
Во меѓувреме, Зеленски соопшти дека се во тек преговори со специјалните пратеници на Трамп за организирање нова мировна средба, која би можела да се одржи уште оваа недела.