АКО ТРЕБА, РУСИЈА ЌЕ Ѝ ПРУЖИ ВОЕНА ПОМОШ НА СЕВЕРНА КОРЕЈА Не е точно дека има нови разговори меѓу Путин и Трамп, посочи Песков

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, посочи дека Русија очекува сигнал од Украина за обновување на директните преговори, но дека досега не забележала никакви чекори во таа насока.

577

Кремљ денеска соопшти дека Русија може да ѝ пружи воена помош на Северна Кореја согласно договорот за стратешко партнерство што двете земји го потпишаа кон крајот на минатата година, објави Анадолија.






– Имаме важечки договор, и според овој договор, страните всушност се обврзаа да си пружаат значајна помош доколку е потребно – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Песков рече дека учеството на севернокорејски војници во напорите на Русија да ја поврати контролата врз граничниот регион Курск ја демонстрира ефикасноста на стратешкиот договор за партнерство, потпишан меѓу двете земји во ноември минатата година.

Портпаролот на Кремљ додаде дека Русија очекува сигнал од Украина за обновување на директните преговори, но дека досега не забележала никакви чекори во таа насока.

Тој, исто така, негираше дека има нови разговори меѓу претседателот на Русија, Владимир Путин, и претседателот на САД, Доналд Трамп, но рече дека, доколку биде потребно, тие можат брзо да се договорат.

– Ви предлагам сепак да се држите до зборовите на нашиот претседател – изјави Песков како реакција на тврдењето на Украина дека сè уште е присутна во граничниот регион Курск во Русија.

Тој уште еднаш ја повтори подготвеноста на Москва да започне преговори со Украина без предуслови.

Во саботата, началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, објави дека Русија повторно воспоставила контрола врз граничниот регион Курск и да им се заблагодари на севернокорејските војници кои учествувале во воените операции во регионот – што претставуваше прво официјално потврдување на вклученоста на Пјонгјанг во војната меѓу Русија и Украина, која започна во февруари 2022 година.

Генералштабот на Украина соопшти дека изјавите на Герасимов „не одговараат на реалноста“ и дека одбранбените операции на Киев во регионот сè уште траат, но дека оперативната ситуација е „тешка“.

Поврзани содржини